Германската министерка за одбрана, Кристина Ламбрехт поднесе оставка по низата критики за одговорот на нејзината земја на руско-украинската војна.
Според агенцијата ДПА, Лабрехт во изјавата побарала од кацеларот Олаф Шолц да ја разреши од функцијата, епилог што медиумите го најавуваа со месеци. Зад себе остави низа гафови од кои последен е нејзината спорна новогодишна честитка. Таа ја спомена војната во Украина додека во позадина се слушаше звук на огномет.
Во неа рече дека поради војната во Украина имала „многу посебни искуства“ и оти конфликтот ѝ овозможил прилика за „многу средби со големи и интересни луѓе“. Германскиот дневен весник „Тагесшпигел“ објави остар коментар со наслов „Ламбрехт не може повеќе да биде министерка“ во кој е наведено оти за време на обраќањето, политичарката ја прикажала војната како „возбудливо професионално искуство“.
На нејзиниот одговор се осврна и „Билд“ и напиша дека нејзиниот одговор ја засрамил Германија. „Шпигел“, пак, напиша дека обраќањето на Ламбрехт, ако се гледа контекстот на војната во Украина, било „несоодветно и непријатно“.
Кристина Ламбрехт е членка на владеачката Социјалдемократска партија (СПД), чиј лидер е канцеларот Шолц.
извор: ДПА