Македонските граѓани најголемиот дел од годината дишат загаден воздух, што директно го загрозува нивното здравје. Во 2019, 2020, 2021 година, Северна Македонија е апсолутен и несоборлив европски рекордер по највисока средно-годишна концентрација на изложеност на PM2.5 честички (30.3 μg/m3). Над 50% од целото население дише токсичен воздух, што е особено загрижувачки. Секоја година високите вредности на аерозагадување се директна причина за илјадници предвремено изгубени животи. Дополнително, со серија болести се особено погодени децата. Ова се само дел од загрижувачките податоци коишто еколошките активисти ги споделија на надзорната расправа за аерозагадувањето што ја организираше собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев, на почетокот на расправата, рече дека таа се одржува на барање на 20 пратеници, повикувајќи се на правото на здрава животна средина кое е гарантирано во член 43 од Уставот и на ратификувани меѓународни конвенции. На расправата не учествуваа претставници од владиното мнозинство.
Само во Лазарополе се дише кристално чист воздух
Со измените на Директивата за квалитет на амбиентниот воздух, од последните податоци за 2024 година, само Лазарополе влегува во законските рамки за дозволени концентрации на PM10, додека доволно податоци нема за Кочани, Куманово, Гевгелија, Прилеп, Берово и Велес.
Според укажувањата на О2 Иницијатива, по Лазарополе, воздухот е најдобар во просек во Миладиновци, потоа во Ѓорче Петров и Гази Баба во Скопје, по што следат Охрид и населбата Карпош во Скопје. Најлош воздух имаат Кичево, Струмица и Лисиче во Скопје, а по нив е Кавадарци.
„Во однос на заштитата на здравјето на човекот од концентрациите на PM честички, според препораките на СЗО, ако го исклучиме Лазарополе, добар воздух има најмногу еден и пол месец во годината, и тоа само во Кочани и Миладиновци, потоа по половина месец во Охрид и на периферијата на Битола. На другите мерни места, каде има податоци, се движи помеѓу само два и девет дена во годината“, истакна Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.
Според новите гранични вредности на ЕУ, кои ќе треба да ги имплементира земјата, доволно добар воздух во Северна Македонија има помеѓу половина месец до четири месеци во годината, зависно од мерното место.
Последици за здравјето
Секоја година високите вредности на аерозагадување се директна причина за илјадници предвремено изгубени животи. Дополнително, со серија болести се особено погодени децата, кои последиците ќе ги чувствуваат до крајот на својот живот.
Според еко-активистот Игор Смилев, во Велес пет од вкупно 30 случаи на рак на белите дробови се од изложеност на ПМ 2.5 честички или 16.1% од вкупната смртност од овој тип рак се од загадувањето.
„Дванаесет смртни случаи ( од вкупно 94) од мозочен удар се директна последица од загадувањето или 13% од вкупната смртност на велешани од мозочен удар се од загаден воздух. За новозабелените велешани од астма се уште пофрапантни и попоразителни информациите“, укажува тој.
Бојан Трпевски од Здружението на млади правници посочува дека судската практика не предвидува заштита на човековите права и судовите не утврдуваат правна одговорност во областа на животната средина и затоа тоа е еден од предизвиците со кои се соочува државата. Нивното здружение има две тужби во судовите во Скопје и Битола, против Влада и против Град Скопје, односно против МЖСПП и Општина Битола, како и поведени други постапки за загаден воздух и диви депонии и неправилно управување со отпад. Но, сите се отфрлени, а една е пред Судот во Стразбур.
Ниските казни, кои често се сведуваат на парични и за полесни прекршоци, се посочуваат како едни од проблемите што најголемите загадувачи и понатаму продолжуваат да не ги почитуваат правилата за заштита на животната средина.
Во Северна Македонија во 2022 година – 3.600 лица прерано починале поради хронична изложеност на PM2.5 честички, 330 поради хронична изложеност на NO2 и 210 поради акутна изложеност на озон. Македонија е на самиот врв во Европа по број на починати поради изложеност на PM2.5, со 303 лица на 100,000 жители во ризик. На второ место е Босна со 258, потоа Косово со 254 и Србија со 228. За споредба, Франција има 48, Германија 55, Данска 31 починати на 100.000 жители во ризик.
Како главни причини за аерозагадувањето во главниот град Скопје, според судиите, се посочуваат согорување на дрва и дрвна маса, согорување на нафта и мазут за греење или како енергенс во индустријата, но и сообраќајот.
DW