Скијачката легенда Бојан Крижај, на барање на Никола Груевски, во 2012 година ја обиколил Македонија и ги истражил потенцијалните за развој на македонските скијачки центри, открива поранешниот премиер во пост на Фејсбук.
„Тој (Бојан Крижај) кажа дека Македонија, иако мала земја, има еден огромен потенцијал за светски скијачки центар и дека тоа е Попова Шапка.
Исто така, ми кажа и дека со било кој професионалец во областа може да ја одбрани тезата дека Попова Шапка според природните карактеристики на теренот може да се вброи во топ пет најдобри во Европа, но дека недостасуваат многу инвестиции и професионална грижа.
Сите други места, потенцираше тој, може да се добри за рекреативно скијање, некој повеќе, некој помалку, но се далеку под Попова Шапка за врвен скијачки спорт. Некои од нив можат да бидат добри и за спортско натпреварување, но од понизок ранг.
Тој недвосмислено потенцираше дека тоа е убедливо најдобриот потенцијал кој го има Македонија за скијачкиот спорт.
Затоа, тој препорача дека главните инвестиции треба да се насочат на Шапка и да се создаде голем и светски реномиран скијачки центар со потенцијал да биде светско сврталиште на најголемите скијачи на планетарно ниво“, пишува Груевски.
Поранешниот премиер ги фали и подвигот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и начинот на кој успеал да го отвори ски-центарот во Михајлово.
„Она што е посебно за поздравување е што успеа овој проект вреден речиси 900 илјади евра да го реализира без воопшто да инвестира пари од буџетот на општината, туку околу 470-480 илјади евра со негови залагања ги обезбедил од донации од приватни компании, при што токму неговата приватна компанија Кожувчанка, заедно со Комерцијална банка од Скопје се најголемите донатори.
Втората работа што позитивно ме изненади е што самиот истражил каде и како завршија владините инвестиции во неколку скијачки центри од периодот 2013-2014 година кога владата која ја предводев имаше проект за развој на неколку скијачки центри и така дознал дека инвестицијата на владата во Крушево во набавка на т.н. топови за вештачко правење снег, купени од владата, општината Крушево ја примила и никогаш не ја употребила, па оваа комплетно нова и неупотребена опрема во вредност која доколку денес би се набавила би чинела над 400 илјади евра, успеал да издејствува да ја добие на користење од општината Крушево и по десетина години воопшто некористена, комплетно нова, да ја стави во функција на новата кратка скијачка патека која е на територијата на општината Кавадарци”, додава Груевски.
Што се однесува до Попова Шапка, Груевски објаснува:
„Следејќи ги професионалните совети на повеќе професионалци за природните потенцијали на теренот на Попова Шапка, владата која ја предводев се одлучи на поголема инвестиција во претворање на Попова Шапка во голем и и многу попрофесионален скијачки центар.
Изготвивме проект со кој проценивме дека во ваква состојба тешко дека некој приватен инвеститор би инвестирал толку големи средства и освен огромна нова опрема на жичарници, ратраци, ски лифтови и друга опрема, многу голема инвестиција во огромен паркинг на влезот на ски центрите, планиравме дури изградба со државни пари на некои профитабилни јавни претпријатија во форма на општествена одоговорност, на два луксузни хотели со пет ѕвезди на Попова Шапка, кои ценевме дека би биле замаец за понатамошни инвестиции во такви хотели на приватни инвеститори. Се планираше и комплетно и темелно реконструирање на постојниот хотел сопственост на државно претпријатие таму.
Планиравме дури и жичара од Тетово до скијачките терени на Попова Шапка, се разбира со огромен паркинг или катна гаража на нејзиниот почеток, кој логично е да е некаде на излезот од Тетово или само малку надвор од градот.
Планот за сериозно инвестирање во создавање на сериозен професионален скијачки центар на Шапка, помина на седница на владата, но тоа бараше и значајна промена на урбанистичките планови на општината Тетово, кои валдата ги побара од општината, но општината никогаш не ги направи.
Тогашната градоначалничка Теута Арифи од за мене непознати причини целосно не само што го игнорираше, туку би рекол го бојкотираше овој проект кој требаше тогаш да изнесува над 200 милиони евра (што со инфлацијата во меѓувреме деноминирано сега е веројатно над 300 милиони евра), инвестирани во еден 5-6 годишен период и од кој Попова Шапка и градот Тетово, но и Македонија, многу ќе добиеја, особено што се планираа локаиции на кои и приватни инвеститори ќе можеа да изградат хотели и ресторанти.
Шапка и Тетово ќе станеа многу сериозен туристички центар и место на одржување на врвни европски и светски натпревари во скијање. Тетово е блиску до Скопје како главен град и до аеродромот, што беше додатна предност покрај фактот што има и автопат од Скопје до Тетово.
Сè што можев да направам – направив. Точката ја враќав на дневен ред на седница на влада веројатно околу 15 пати во период од 2 години, никој во владата не беше против и сите подржуваа.
Разговарав и на политичко ниво со партијата на градоначалничката и таму не препознав проблем.
Ресорниот министер и други министри ги испратив неколку пати да разговараат со градоначалничката на Тетово. Сепак сите напори останаа без успех, но и без сериозно објаснување зошто го прави тоа, односно зошто го кочи и конечно го запре тој проект“.
Груевски во постот на Фејсбук раскажува зошто пропаднал проектот за ски-патека на Водно кој бил во напредна фаза, зошто не се менаџира добро Пониква и што се случувало со сите други помали скијалишта во Македонија.
Тој го фали подвигот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и неговата ски-патека во Михајлово.