Грузија: Тензии спроти изборот на шеф на државата

Денеска, 14 декември ќе се одржи изборот на претседател на Грузија, но ова гласање е сѐ освен нормално. Расположението е напрегнато. Околу две недели во земјата секојдневно се одржуваат масовни протести против кои властите применуваат насилство.

Во заднината на протестите е сѐ поголемата конфронтација меѓу опозицијата и владејачката партија Грузиски сон. Таа започна со парламентарните избори во октомври и кулминираше кога владата неодамна објави дека го прекинува процесот на евроинтеграција на земјата.

Шефот на државата со ограничени овластувања
Една уставна измена ја продлабочи кризата. Во 2017 година, парламентот ги усвои реформите со мнозинство од партијата Грузиски сон. Тие ја променија процедурата за избор на претседател на државата и ја трансформираа земјата во парламентарна република, во која претседателот има само ограничени овластувања.

Претседателските избори во 2018 година беа последни на кои шефот на државата беше директно избран од народот. Претседателка на земјата тогаш стана Саломе Зурабишвили, чија кандидатура беше поддржана од владејачката партија. Но, подоцна односите меѓу прорускиот Грузиски сон и проевропската претседателка Зурабишвили се влошија.

Изборот на шеф на државата сега треба да се спроведе според нова процедура. Претседателот на државата за првпат ќе го одреди Изборен колегиум составен од 300 луѓе. Колегиумот вклучува 150 членови на новоизбраниот парламент и 150 делегати од регионите на земјата. Бидејќи владејачката партија Грузиски сон има мнозинство во парламентот и големо влијание во регионите, кандидатот на опозицијата нема шанси да победи.

Опозицијата го бојкотира изборот
Бидејќи опозицијата го бојкотира новоизбраниот парламент и изборот на шеф на државата, само партијата Грузиски сон предложи претседателски кандидат. Според резултатите од октомвриските парламентарни избори, владејачката партија освои 89 од 150 пратенички места.

Сепак, изборите беа нарушени со бројни нерегуларности, што доведе до тоа Европската унија да повика на ново гласање. Опозицијата зборува за масовна изборна измама и одбива да влезе во парламентот.

Претседателката Саломе Зурабишвили, исто така, не ги признава изборните резултати и нагласува дека таа сега е единствената легитимна државна институција во Грузија. Таа не сака да поднесе оставка од функцијата додека нема нови парламентарни избори.

 

 

DW