Дали Германија увезува руски гас?

Неодамна пропадната владина коалиција нема многу успеси со кои би можела да се пофали. Но, за едно нешто сите аналитичари се согласни – дека во Германија и покрај забраната за користење руски гас, „не падна мрак“, односно дека успешно се најдоа алтернативни снабдувачи и дека за краток рок се направи инфраструктура за течен гас. За тоа владата добиваше пофалби.

Но, сега може да падне сенка и на оваа приказна. Откако беше забранет увоз на течен гас од Русија како санкција поради војната во Украина, бродови со руски гас веќе не требаше да се закотвуваат на германски терминали и да испорачуваат гас. Но, весникот „Фајненшал тајмс” јавува дека има увид во допис од Сојузното министерство за економија од 6 ноември чијшто адресат е операторот на германскиот терминал за течен гас на северноморското крајбрежје. Министерството во дописот му налага на операторот да не прифаќа руски испораки. И новинската агенција Ројтерс на 14-ти ноември објави дека „според кругови од индустријата, сојузната влада го спречила истоварањето на руски течен гас (ЛНГ) во Брунсбител“.

Зошто сега и зошто воопшто?
Тоа што Министерството месецов посочува дека нема да прима истовар на руски ЛНГ во Германија го наметнува прашањето дали тоа досега се случувало и покрај бојкотот? Но, и прашањето дали навистина постои таква насока. Од Министерството тврдат дека не е така. На прашање на ДВ, шефот на прес-службата одговори дека „како и вообичаено, не можеме да коментираме за протечени документи“.

Ниту од Сојузната мрежна агенција, која меѓу другото е одговорна за германската гасоводна мрежа, не сакаа да заземат став. Портпаролката Надја Афани во име на агенцијата ни пиша дека „не можеме да ви дадеме никакви информации за можни инструкции од Сојузното министерство за економија до ДЕТ“.

Со германските терминали за ЛНГ на брегот на Северното Море, капацитети неопходни за истовар на течен гас, управува Дојче енерџи терминал (ДЕТ). Компанијата оперира со четирите германски терминали за ЛНГ Брунсбител, Вилхелмсхафен I и II, и Штаде. На прашањето на ДВ дали ДЕТ добил таква инструкција, од таму одговараат дека „од правни причини не даваме никакви информации за договорни работи со трети лица“.

Наводот „од правни причини“ нема смисла, бидејќи ДЕТ според сопствени информации е „компанија во сојузна сопственост за работата на терминалите преку кои се истовара ЛНГ од брод“. Сојузно министерство и компанија во сојузна сопственост не можат или не сакаат да дадат какви било информации? Таквото одбивање да се дадат информации е чудно – и ги подгрева гласините.

 

 

 

DW