Растечките цени на гасот во изминатите недели кај европските трговци со енергија и кај владите ги вратија лошите спомени. Сè уште се свежи сеќавањата на проблемите што ги погодија енергетските пазари по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Кога Европа се обиде да ја прекине зависноста од рускиот гас, цените скокнаа. Освен што ја поттикна и онака високата инфлација, тоа доведе до стравувања дека ќе има рестрикции на електрична енергија. Трајно високите цени предизвикаа и проблеми во енергетски интензивните индустрии, што доведе до губење на работни места. Европа сепак добро ги преброди последните две зими, најмногу благодарение на топлото време што овозможи да се задржи потрошувачката на енергија на ниско ниво. Но, студениот почеток на ноември придонесе за ново поскапување на природниот гас. Цената на 21 ноември достигна речиси 49 евра (51,6 долари) за мегават-час, што е највисока цена за повеќе од една година.
Дали стравовите се оправдани?
Студеното време доведе до тоа повеќе да се користи греењето, а во комбинација со малата брзина на ветрот во Северна Европа и намаленото снабдување од ветерници, побарувачката за гас е поголема. Сепак, цените сè уште се под максималните цени забележани во текот на 2022 година, особено затоа што од тогаш вкупната побарувачка на гас се намали.
Сегашниот шок може делумно да се објасни со фактот дека во текот на 2024 година цените беа далеку пониски отколку во кој и да било момент по почетокот на војната. „Цените се зголемија за приближно 40 насто од средината на септември“, вели за ДВ Петрас Катинас, енергетски аналитичар во Центарот за истражување на енергија и чист воздух (ЦРЕА). „Значи, тоа е прилично голем скок одеднаш“, додава тој. Изгледите дека зимата може да биде поладна доведе до стравувања дека залихите – кои до неодамна беа пополнети до врв – би можеле да бидат исцрпени и дека тоа би можело да поттикне цикличен пораст на цените. Но, Катинас вели дека доминацијата на Русија на европскиот пазар е значително ослабена од 2022 година и дека приказната за „криза“ е претерана. „Тоа не би го нарекол криза, особено ако го споредиме со она што всушност се случуваше во 2022 и 2023 година“, вели тој. „Повеќето земји-членки на ЕУ веќе немаат голема зависност од рускиот гас“, заклучува Катинас.
Но, што е со рускиот гас?
Рускиот гас сепак и натаму влијае на целокупната слика. Русија е далеку од гигантот каков што беше во однос на снабдувањето на ЕУ. Уделот на рускиот гас во увозот на членките падна од 40 отсто во 2021 година на околу 9 отсто во 2023 година. Но, според неодамнешните податоци на Центарот за истражување на енергија и чист воздух, порастот на увозот на руски течен гас во ЕУ за речиси пет проценти во однос на минатата година значи дека рускиот удел и натаму сочинува 18 проценти од вкупниот увоз на гас во ЕУ. Сепак се чини дека дотокот во гасоводот сепак се ближи кон крајот. Австрија, една од последните европски земји што добиваа гас од Русија, престана да добива гас по правниот спор со државната руска компанија за гас, Газпром. Словачка и Унгарија продолжуваат да добиваат руски гас од гасоводот, но сите индикации сугерираат дека договорот ќе биде окончан веќе кон крајот на 2024. Петгодишниот договор за транзит на гас, кој го вклучува Газпром и украинската државна компанија Нафтогас за транзит на руски гас преку украинска територија, истекува на крајот на годината и од Киев велат дека нема да го обноват. Иако гасоводот Турски тек и натаму ќе ја снабдува Унгарија, престанувањето на дотокот преку украинската територија ќе изврши притисок на земјите од Централна Европа да најдат алтернативно снабдување.
Борис Додонов, раководител на Центарот за енергетика и климатски студии при Киевската школа за економија, очекува да заврши договорот за транзит на гас бидејќи „Украина нема економски резон да го обнови договорот“. Тој во интервју за ДВ вели дека „не можеме да исклучиме скриени договори и корупција“, и додава дека самата ЕУ може да лобира да продолжи протокот на гас за да се избегне потенцијален недостиг во земји како Словачка и Унгарија. И покрај сѐ што се случуваше во изминатите три години, ЕУ останува најголемиот руски купувач на обичен гас и течен гас. Во октомври на ЕУ отпаднаа 49 проценти од вкупниот извоз на течен гас и 40 проценти гас од гасоводот.
Дали би можел течниот гас да го реши проблемот?
Со оглед на тоа дека рускиот гасовод во голема мерка беше прекинат во 2022 година, течниот гас стана поважен за двете страни. Уделот на увозот од Русија порасна за речиси 15 проценти во текот на годинава. Додонов инсистира на тоа дека на Европа не ѝ е прекинот на рускиот гасовод кон Европа во 2022 година, течниот гас стана поважен за двете страни. Учеството на увозот од Русија во текот на оваа година се зголеми за речиси 15 отсто. Додонов инсистира на тоа дека на Европа не ѝтреба никаков руски гас за да ги задоволи своите енергетски потреби, поради течниот гас што доаѓа од САД. Тој очекува идниот американски претседател Доналд Трамп да го зголеми производството и смета дека Европа би можела да се подготви за голем трговски договор со Вашингтон.
DW