Дваесет контролори на летање ќе поднесат оставки, техничарите веќе поднесоа

Претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, кажа дека не се плаши од кривичните пријави против него од директорите на М-НАВ, а најави дека денеска ќе има депонирање на оставки.

Според него, ова е за заштита на професионализмот и безбедноста на воздушниот сообраќај, кој не трпи компромис. Тврди дека не се заканувал на двајцата директори кои го пријавија во полиција. Штрајковите не се исклучени, но не само на контролорите на летање, туку на сите вработени во М-НАВ со тотално затворање на воздушниот сообраќај.

„Бев повикан во Секторот за насилен криминал при МВР каде ми беше презентирана пријава од страна на двајца од тројцата директори, Фахрудин Хамиди и Хасим Деари кои што поднеле кривична пријава против мене, врз база на мејл доставен до нив, поради загрозеност на нивниот живот и сигурност. Најодговорно тврдам дека содржината на тој мејл нема закани. Од друга страна, сметам дека тенденциозно се интерпретира погрешно, за да се искористат против мене, како претседател на Синдикат, за да се откажеме од нашите намери, како и против останатите кои тргнаа да застанат и да си ја одбранат професијата“, рече Тасевски.

 

4news.mk