Две компании од Украина го селат производството во Северна Македонија

Компании од македонските индустриски зони најавуваат преселба на капацитети од Украина во државата, а голема американска компанија го скенира регионот за потенцијални инвестиции.

Две компании од индустриските зони побарале да им се овозможи фирмите ќерки од Украина целосно да ги преселат во земјата. Директорот на Дирекцијата на технолошко индустриските развојни зониЈован Деспотовски, вели дека доколку нема промена во ваквото барање за кое е разговарано со компаниите пред околу две недели, трансферот на капацитетите би се реализирал брзо, за три до шест месеци.

„Во моментов немаме никакви индикатори коишто укажуваат на тоа дека реализацијата на инвестициите е забавена. Напротив, имаме неколку компании коишто најавуваат проширување на своите капацитети, но имаме и две компании коишто најавија дека поради кризата, дел од капацитетите од Украина постои можност да ги преселат во Северна Македонија“, изјави во средата Деспотовски. Според него, државата ќе излезе во пресрет на двете компании, бидејќи „тие се наши клиенти“.

Компаниите не побарале никакви субвенции од државата, туку преку практична поддршка ќе им се помогне да ја префрлат работата во Северна Македонија.

Според Деспотовски, се зголемува и интересот странските инвестиции кои првично биле планирани за централна и источна Европа, сега да се префрлат во Северна Македонија. Тој најавува дека голема американска компанија го скенира регионот, со цел реализација на инвестициски планови. „Имаме една сериозна, голема американска компанија која што не е присутна во С. Македонија, која што заради ситуацијата во источниот дел на Европа, најави мисија во регионот на почетокот на април“, најави Деспотовски.

Ќе се скенираат неколку земји во регионот, меѓу кои и Северна Македонија. „Дел од нивните инвестициски планови, коишто се поголеми од 150 милиони евра, постои голема веројатност да бидат преселени во регионот, така што ќе направиме сѐ од наша страна да ја убедиме компанијата да ги вложи средствата во државата“, додаде Деспотовски.

извор/фото: Дојче Веле