Македонската ракометна репрезентација ја започна втората фаза од Светското првенство со нерешено 29:29 против Австрија, кога Филип Кузмановски погоди во последните секунди од мечот и го донесе првиот бод на Македонија во втората рунда.
Следен противник за избраниците на Кирил Лазаров денеска ќе биде секогаш непријатниот Катар, предводен од клупата од легендарниот Веселин Вујовиќ, кој во претходното коло од главната фаза на турнирот загуби во прилично тесен меч во последните секунди од мечот од Холандија, откако Верштајнен погоди од девет метри за конечни 37:38.
Натпреварот меѓу овие два тима е закажан за 15:30 часот во Вараждин, а очекувањата во пресрет на овој натпревар ги сподели и македонскиот селектор, Кире Лазаров.
„Катар одигра одлични натпревари на Светското првенство. Тоа е борбен тим со многу натурализирани играчи кои прават разлика на теренот. Нè очекува уште еден неизвесен натпревар. Очекувам уште еднаш да бидеме на високо ниво. Ќе видиме дали тоа ќе биде доволно за позитивен резултат.
Тој се осврна и на легендарниот селектор на Катар, Веселин Вујовиќ.
„Вујо е занимлива личност и за јавноста и за нашите фанови. Има убаво минато со Македонија. Мислам дека е одличен џентлем. Знам дека ќе биде коректен и нека победи подобриот денеска“, заврши Лазаров.
lokalno.mk