Денес ќе го славеше 42. роденден, легендарниот Тоше Проески

Република Македонија, но и целиот Балкан денеска ќе одбележат 42 години од раѓањето на македонската музичка легенда Тоше Проески.

Во својот краток живот остави ноти и зборови, но најмногу остави надеж дека она човечкото во нас не е изгубено и дека можеме да бидеме едно само ако посакаме.

Остануваат неговата ведрина и насмевка. Што тој навистина значеше за сите нас, почуствувавме дури утрото на 16-ти октомври 2007. година кога засекогаш го загубивме.

Со повеќе настани во Крушево ќе се одбележи споменот на Тоше. Хуманитарната крводарителска акција, во организација на Црвениот крст од Крушево, во Спомен-куќата ќе трае од 09:00 до 16:00 часот. Во 10:30 е предвидена посетата на вечното почивалите на Тоше на Гумење, а од 11:00 часот ќе биде отворена изложбата на дела на уметницата Марија Бојкоска од ликовната школа „Тоциновски” од Скопје.

Во спомен-куќата „Тодор Проески“ ќе бидат промовирани делата од 26. Керамичка колонија од Велес. За 42. роденден на Тоше ќе бидат промовирани и 42 маички печатени со победнички мотив.

Напладне е сценско-музичкиот настан насловен „Ангел си ти”. Музички рефрени од Тоше ќе изведат Андријана Јаневска и Бојан Стојков во придружба на „Џез сценарио” од Битола, во аранжман на професорот по пијано и диригирање Вангел Мажески. Крај вечното почивалиште на Тоше Проески ќе бидат и неговите обожуватели и приврзаници кои секогаш доаѓаат од земјава и Балканот.