Пратеничките групи Патриоти за Европа (ПФЕ) и Левица поднесоа одвоени предлози до Европскиот парламент за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен.
Потпретседателката на десничарската ПФЕ, унгарската европратеничка Кинга Гал од партијата Фидес, информира дека нивната иницијатива ја потпишале сите 85 пратеници на групата, со што е надминат потребниот минимум од 72 потписи за поднесување предлог за гласање недоверба на Еврокомисијата.
„Оваа Комисија и нејзината претседателка не успеаја во мирот, трговијата, конкурентноста, миграцијата“, изјави Гал, додавајќи дека ПФЕ официјално ја поднела својата иницијатива во средата по обраќањето за „Состојбата на ЕУ“ на Фон дер Лајен пред европратениците.
Претседателот на ПФЕ и лидер на францускиот Национален собир (РН), Жордан Баредла, пак, оцени дека Комисијата покажала оти е немоќна да се справи со предизвици на ЕУ на меѓународната сцена.
Главните забелешки на Патриотите на работата на Еврокомисијата се однесуваат на двата трговски договори – со земјите од Меркосур и со САД.
Бардела оцени дека трговскиот договор со латиноамериканските земји членки на организацијата Меркосур претставува „предавство“ за земјоделците и животната средина во ЕУ. Тој смета дека доколку се спроведе, Договорот со Меркосур би имал катастрофални последици по француското земјоделство.
slobodnaevropa.mk




