Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни и ефикасни да се оствари потребната заштита и ревитализација на недвижното културно наследство, покажале резултатите од ревизијата на успешност на тема “Ефикасност на политики и мерки за заштита, управување и ревитализација на недвижното културно наследство“ што согласно Годишната програма за работа за 2022 година ја извршил Државниот завод за ревизија за 2022 година.
Ревизорите утврдиле отсуство на редовна грижа, одржување, обезбедување и мерки за непосредна заштита од страна на имателот и надлежната институција за заштита кои придонесуваат кон оштетување, загуба, уништување и зголемени трошоци за одржување и активно функционирање на културното наследство, како и необезбедени јасни и објективни критериуми за начин на финансирање на недвижното културно наследство и распределба на средствата на надлежните институции, што ја ограничува можноста за навремена и соодветна заштита на недвижните добра.
-Културното наследство како темел на националниот и културниот идентитет на еден народ. Нашата држава има богато културно наследство од минатите генерации кое е од непроценлива значајност, што треба да се заштитува, зачувува и одржува, како траен влог за идните генерации. Опфатот и доказите кои се обезбедени по пат на спроведување на техники и методологија од страна на ревизијата дава основа да го изразиме следниот заклучок: Стекнато е разумно уверување дека мерките и активностите за заштита, управување и ревитализација на недвижното културно наследство кои се преземаат од страна на надлежните институции не се доволни и ефикасни да се оствари потребната заштита и ревитализација и создава реална опасност за трајно зачувување на недвижното културно наследство за идните генерации, велат од ДЗР.
Со извршената ревизија биле утврдени одредени недоречености и неусогласеност со поврзаната законска регулатива, како и неприменливи законски решенија во праксакои ги отежнуват постапките за непосредна заштита на културното наследство, како и дека отстуство на стратешки и плански документи има влијание врз дефинирање на приоритетни цели и основни начела, мерки и активности за заштита и користење на културните добра и утврдување на активности за трајно зачувување на културните вредности и нивна интегрирана заштита.
-Утврдена е нецелосно спроведена класификација и извршена ревалоризација за само 18% од вкупниот број на регистрирани недвижни културни добра во државата, нецелосно воспоставена заштитна евиденција, необезбедени сеопфатни и ажурирани податоци во регистарот на недвижно културно наследство и неизграден Национален информативен систем за културното наследство придонесуваат да не се обезбедени јавно достапни информации за културното наследство на државата и негова заштита, финансиските средства за заштита на културно наследство од буџетски и странски извори за периодот од 2018 – 2021 година се реализирани во вкупен износ од 293.528 илјади денари, при што одобрените буџетски средства од Министерството за култура по Нацрт-програмите за сите национални установи секоја година бележат намалување, кое се движи во просек од 16% до 23% по година. Висината на обезбедените финансиски средства и стручните лица не се доволни за ефикасно спроведување на активностите за непосредна заштита, а неправилното алоцирање на средствата за заштита ја ограничуваат можноста за навремена и соодветна заштита на недвижните добра, се вели во денешното соопштение од ДЗР.
Со ревизијата било утврдено и дека нерешените имотно-правни односи, долгиот период на постапките за експропријација, отсуството на редовна грижа, одржување, обезбедување, преземање на мерки за заштита од страна на имателите/корисниците и надлежните институции, придонесуваат кон оштетување, загуба, уништување, зголемени трошоци за одржување и активно функционирање на културното наследство, но и значаен недостиг на инспектори, односно екипираност со тројца инспектори во 2021 година со надлежност за вршење надзор на сите видови културно наследство на целата територија на државата, како и отуството на надзор над секое преземање мерки на непосредна заштита од страна на инспекциската служба, делумно извршени контролни надзори на решенија за отстранување на неправилности и непостапување од страна на субјектите по изречени мерки придонесуваат кон недоследна примена на пропишаните услови и намалена ефикасност од инспекцискиот надзор, што влијае да не се постигнат посакуваните ефекти за одржување, опстанок и ефикасна заштита на недвижното културното наследство.
За надминување на погоре наведените состојби, како што информираат од ДЗР, до надлежните институции дадени се препораки кои се темелат на резултатите од извршената ревизија кои треба да обезбедат измени и дополнувања, односно донесување на нов Закон за заштита на културното наследство и усогласување со поврзаната законска регулатива, подобрување на кадровската екипираност на националните установи со стручни лица за заштита на недвижното културно наследство, воспоставување на функционален Информативен систем за културното наследство и Национален регистар на културното наследство, одобрување на средства за поголемо вложување во превентивна заштита на културното наследство и изнаоѓање на дополнителни извори на финансирање на заштитата на културното наследство, но и кадровско доекипирање со инспектори за недвижно културно наследство и зголемување на ефикасноста од инспекцискикиот надзор преку спроведување на контролен инспекциски надзор по издадените решенија со изречени мерки.
Целта на извршената ревизијата била да даде одговор на прашањето: „Дали со постојната правна рамка, воспоставениот начин на водење на евиденција, финансирање на активностите и преземените мерки на надлежните институции за идентификација, заштита и надзор се обезбедува остварување на ефикасна заштита на недвижното културно наследство?“ во насока на зголемување на ефикасноста на мерките и активностите на надлежните институции за заштита на недвижното културно наследство, како темелна вредност на државата што се заштитува во секакви околности.
Извор: ДЗР