Димитриевски: Заедно со граѓаните ќе победиме на следните парламентарни избори, Македонија има потреба од промена

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во утринското гостување во емисијата „Да си кажеме“ на телевизија Телма потенцираше дека Македонија има потреба од промена и тоа ќе се случи на следните парламентарни избори.

„Нема да коалицираме предизборно со никого, ќе настапиме во коалиција со граѓаните и заедно со граѓаните ќе победиме на следните парламентарни избори. Ние ќе влеземе во Влада со тој политички субјект којшто ќе ја прифати нашата програмска определба и ќе имаат легитимитет од граѓаните. ДУИ ќе мора да претрпи како партија реформи, бидејќи дефакто тоа е партија која функционира и се базира на чист клиентелизам и е моноетничка која ќе мора да работи на многу сериозни реформи доколку сака да гради мултиетничко општество“, рече Димитриевски.

Тој информираше дека на последните локални избори добил поддршка од сите граѓани, не ги делел по ниту еден основ и продолжува со уште поголем интензитет со неговиот тим целосно да се стави во функција на граѓаните и на градот, Куманово да стане поубаво место за живеење.

Мислам дека успеваме во тоа со оглед на сите опструкции кои во континуитет се случуваат и дополнително, финансиските можности на општините. Дефинитивно, интензивно работиме на формирање на едно сеграѓанско движење на ниво на цела Македонија коешто ќе дојде по иницијатива на граѓаните, од граѓаните за граѓаните. Веќе формиравме такви здруженија покрај Куманово, и во Крушево, продолжуваме во Тетово и во останатите градови. До крајот на годината, следната година ќе продолжиме со тој интензитет, целта е да им дадеме поголема можност на граѓаните, да внесеме новост во политиката. Иницијативата доаѓа директно од граѓаните. Оваа иницијатива е унисона, кумановска и доаѓа по иницијатива од луѓето во Куманово, од мојот тим и потоа со иницијатива на граѓаните од другите градови што едноставно сакаат да се приклучат бидејќи сметаат дека ние живееме во една општа катарза кајшто не се знае којшто прави, единствено поединци во власта и одредени политички субјекти, поранешниот политички субјект кадешто на чело со ДУИ ја водат државата, всушност ДУИ цврсто управува со државата, гледате дека ги зацврстува своите позиции во сите нивоа на власта, покрај законодавната, веќе влегуваат и во судската власт, извршната веќе ја имаат. Мислам дека ова е недозволиво што ни се случува на една држава, а резултатот го гледаме сите. Првенствено, неусогласеност помеѓу институциите, а дополнителните проблеми ги чувствуваме ние граѓаните на кожа. Што се однесува до самата криза која во континуитет не следи за жал не се менаџира правилно и ефектите од таа криза се чувствуваат“, изјави Димитриевски.

Димитриевски посочи дека има поддршка, не само од поранешни членови на СДСМ, туку поддршка и од поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ и многу голем број на неопределени граѓани и сите се добредојдени.

„Во една прилика изјавив дека тој концепт ќе го базираме на база на волјата на граѓаните и верувам дека сите ќе ни се приклучат коишто се добронамерни. Шанса ќе добијат луѓе кои досега не биле експонирани во политиката или пак не влечат опашки зад нив“, истакна Димитриевски.

фото: Архива