Утре (недела 22.12.2024) ќе имаме краткотрајно стабилизирање на времето со утрински температури кои речиси насекаде ќе бидат под нулата, студено ќе остане и во текот на денот и со повеќе сонце.
Почнувајќи од понеделник 23.12.2024 па во деновите потоа под влијание на длабок циклон со центар над Средозејето кој ќе биде поврзан со многу ладен воздух од север, ќе имаме нови обилни врнежи кои ќе бидат најмногу од снег, а особено во Повардарието и во крајните југоисточни предели ќе бидат од дожд, повремено од дожд и снег.
На планините и на Скијачките центри ќе има дополнително и големо зголемување на снежната покривка, и таа вкупно би можела со новиот снег да изнесува и над половина, до речиси еден метар снег. Снежна покривка ќе се формира и во повеќето градови во Македонија и тоа со висина од 5 до 10 сантиметри, а во западните и во источните предели локално од 10 до 20 сантиметри, понекаде можно е и до околу, па и над 30 сантиметри. Сето ова ќе биде проследено со повремено засилен ветер од северен правец.
Што се однесува до Скопје и околината, со овој нов голем влажен и ладен бран ќе има врнежи од дожд и од снег, а се очекува и формирање на снежна покривка, особено на околните планини и во повисоките предели од котлината. Формирање на помала снежна покривка се очекува и во делови од пониските предели од Скопската котлина. Повремено и во Скопскиот регион ќе дува засилен ветер од северен правец.
Што се однесува до температурите, тие во текот на наредната седмица наутро на многу места ќе бидат под нулата, додека дневните максимални температури, исто така ќе се движат на многу места само за некој степен над нулата, или до околу нулата, додека во некои места тие и преку ден ќе останат под нулата, особено во оние повисоки населени места, планините, и секако Скијачките центри.
Секако и да предупредам, со оглед на оваа настаната временска состојба, доколку од понеделник 23.12.2024, па во деновите потоа, поради очекуваните обилни врнежи од снег, препорачувам крајно да бидете внимателни особено вие возачите и тоа доколку патувате кон планинските превои каде секако ќе има многу снег и појава на голомразица. Исто така, на Скијачите им препорачувам да не се оддалечуваат од Скијачките центри, односно да не се движат кон поголеми надморски височини, и тоа поради намалената видливост која се очекува.
Исто така, од денес 21 Декември (сабота) и официјално ни започнува Календарската Зима, и истата ќе си го покаже своето вистинско лице, и тоа како што доликува, стои во најновата објава од метеопрогнозерот Славчо Попоски.