„Демократската унија за интеграција (ДУИ), под раководство на Али Ахмети, објави отпочнување со сеопфатна стратегија насочена кон поттикнување на исклучителен институционален и личен интегритет, додека решително се справува со корупцијата и спроведува сеопфатни процеси на ветинг”, соопшти партијата.
Во соопштението од Мала Речица нема никакви детали околу тоа како партијата „решително се справува со корупцијата“ ниту како спроведува „сеопфатни процеси на ветинг“. Единствено е наведено дека ќе ја спроведуваат стратегијата на партиско, а потоа продолжувајќи на национално ниво.
„Како дел од оваа стратегија, ДУИ воведува неколку клучни мерки за справување со корупцијата, решително отпочнување на процесот на ветинг и зајакнување на интегритетот”, објави партијата, без да ги наведе клучните мерки.
Ахмети нема да дозволи
Фокусот во објаснувањето на стратегијата е ставен на „непоколебливата посветеност на ДУИ за негување на вистинска мултиетничка демократија каде што еднаквите права и можности не се обични идеали, туку реалност за сите граѓани”. Партијата посочува дека со децении го водела процесот на застапување на вистинското место на албанската заедница во соодветна демократска рамка, но дека „неодамнешните предизвици“ станале закана да ги поткопаат тие достигнувања, со обиди да се делегитимира гласот на застапникот на албанското мнозинство.
„Се креира преседан и некој се обидува да ги фаворизира оние кои немаат легитимитет кај мнозинството Албанци. Како резултат на тоа, земјата се соочува со регресија и значајни предизвици, вклучително и напади врз идентитетот, јазикот и воспоставените права на Албанците (…) Водачот на ДУИ, Али Ахмети нема да дозволи поради нечија туѓа цел, да им се одземат стекнатите демократски права на Албанците, кои се темел на единството и стабилноста на земјата повеќе од две децении, ниту тоа да стане сериозна пречка за процесот на интеграција во ЕУ“, порачаа од ДУИ.
Притоа, партијата се самопретстави како цел на обиди за репресија.
„Нападите и обидите за репресија и дискредитација на ДУИ се силни затоа што ДУИ како единствен автентичен лидер во албанскиот блок и легитимен глас на Албанците, никогаш нема да се откаже од идејата за подобро утре со еднакви права на Албанците”, соопшти ДУИ.
DW