Над 180 луѓе се евакуирани и згрижени во кичевската спортска сала „Христо Узунов“ по поплавите кои го зафатија кичевскиот крај поради обилните врнежи дожд. Од Центарот за управување со кризи информираат дека поради обилните дождови засега е евидентирано излевање на Зајашка река во Кичево при што се зафатени десетици куќи.
„Во 10 часот раководителот на Регионалниот ЦУК – Кичево одржа состанок во Општина Кичево, по што беше организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош. Според досегашните информации, нема животнозагрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи“, велат од ЦУК.
Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Оттаму додаваат дека на терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи.
Во Гостивар и околните населби пријавени се поплавувања на куќи во село Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во село Балиндол, при што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка.
„Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали“, се вели во соопштението на ЦУК.
Претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата.
Во скопскиот регион се поплавени дворови во село Идризово, општина Гази Баба и во село Буковиќ (Општина Сарај) и во село Зелениково (Општина Зелениково).
Ризик од прелевање на неколку реки донесоа последните врнежи на дожд во изминативе 24 часа поради кои се зголемија водостоите во западните делови на земјата, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во соопштението на УХМР е наведено дека е зголемен водостојот на сите реки во западниот дел од земјата и на дел од нив се очекуваат понатамошни зголемувања во текот на денот.
slobodnaevropa.mk




