Еврејската заедница одбележува 81 година од холокаустот на македонските Евреи

Еврејската заедница во Република Македонија (ЕЗРМ) и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска одбележуваат 81 година од холокаустот на 7144 македонски Евреи, кои на 11 март 1943 година од Скопје, Битола и Штип се депортирани во логорот Треблинка.

 

Централната комеморативна активност ќе се одржи со оддавање почит пред Споменикот на 7144 депортирани Евреи од земјава во скопскиот Монопол.

 

Како што е најавено, цвеќе ќе положат и ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски, техничкиот премиер Талат Џафери, претседателот на ЕЗРМ Пепо Леви и амбасадорката на Израел во нашата држава Симона Франкел.

Бројни делегации потоа ќе оддадат почит на Могилата на депортираните Евреи од Македонија и на Споменикот на паднатите борци од НОБ на Градските гробишта „Бутел“.

 

Претседателот Пендаровски ќе се обрати и на комеморативната вечер, која во спомен на депортираните македонски Евреи ќе се одржи во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

 

 

biznisvesti.mk