Европејците и Украина го повикуваат Путин на преговори

Германија, Франција, Велика Британија и Украина го повикаа рускиот претседател Владимир Путин на итен прекин на огнот и на преговори за ставање крај на војната. Почетна точка за тоа треба да биде актуелната линија на фронтот во Украина. САД, како и Европа, треба „активно“ да учествуваат во разговорите, се наведува во заедничката изјава што канцеларот Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски ја објавија по нивната средба во Лондон.

Во неа тие наведуваат пет предуслови за „праведен и траен мир“. Се бара прекин на борбените дејствија: Путин треба да се согласи на „итен и целосен прекин на огнот“. Актуелната линија на фронтот треба да биде почетна точка за преговорите, но Украина и Европејците истовремено инсистираат дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила. Речиси една петтина од територијата на украинската држава во моментов е под руска контрола. Освен тоа, правото на Украина да ги избира своите безбедносни мерки и сојузи мора „неограничено“ да се почитува.

Побарани се безбедносни гаранции
Понатаму, земјите бараат „робусни и правно обврзувачки“ безбедносни гаранции за Украина, откако ќе стапи во сила прекинот на огнот. Во тоа спаѓа и распоредување на мултинационални сили.

Исто така, руските средства ќе останат замрзнати сè додека Русија не ја заврши својата војна и не ја обесштети Украина за нанесените штети. Во Европската Унија се задржани околу 210 милијарди евра од руската централна банка.

Европските безбедносни интереси мора да бидат заштитени во секој договор, се наведува во изјавата. За резултатите од преговорите што се однесуваат на ЕУ и НАТО мора да се согласат земјите членки.

Ветена дополнителна воена поддршка
Европејците му ветија на Зеленски и дополнителна воена поддршка. За тоа треба да се разговара на самитите на Г7 и на НАТО што ќе се одржат во јуни и јули, како и на следната средба на „Коалицијата на волните“, во која се здружени сојузниците на Украина.

Шефовите на држави и влади ја нагласија итната потреба од зајакнување на противракетната одбрана и достапноста на оружје со долг дострел. Тие, исто така, разговараа „како Алијансата може да учи од борбеното искуство на Украина и како долгорочната индустриска соработка со Украина може да се прошири со цел да се зајакне сопствената одбрана на Европа“.

 

DW