Секој што ќе ја соочи кинеската платформа за е-трговија Тему со обвинувањата од ЕУ, ќе го добие токму она што го добиваат стотици илјади клиенти секој ден: многу мали пакети. Во овој случај, многу мали пакети текст, речиси целата должина на овој текст. Во една од нив Тему го уверува ДВ дека „целосно ќе соработува со регулаторните органи“.
Тему е навикнат да реагира на обвинувањата, бидејќи тие не стивнуваат: на почетокот на 2024 година, Европската асоцијација на производители на играчки откри безбедносни ризици во 95 отсто од детските играчки што ги продава Тему.
Од ноември, притисокот стана уште поголем: ЕУ покрена постапка против оваа платформа. Списокот на обвинувања е долг: пред сѐ се работи за нелегален увоз на производи кои не ги задоволуваат стандардите на ЕУ. Но и за лажни попусти, лажни критики, дефицитарни информации за трговците на мало, како и дизајн на производи што, особено кај помладите, доведува до речиси зависно однесување при купувањето.
Кој е бизнис моделот на платформата Тему?
Тему е достапен во САД од септември 2022 година. Идејата беше да им се овозможи на Американците пристап до кинески производи. Оттогаш, пазарот рапидно растеше ширум светот. Без разлика дали се работи за прашок за белење на заби, преса за лук или ножици – платформата Тему нуди илјадници артикли по непобедливи ниски цени. Предметите доаѓаат како пакети и главно директно од Кина. Проценките покажуваат дека во Германија секојдневно пристигнуваат по 400.000 пакети само од Тему и кинеската модна платформа Шеин.
Платформата може да понуди пристапни цени бидејќи функционира исклучиво како посредник. Секој што нарачува од Тему обично го добива својот пакет директно од складиштето на производителот или продавачот на мало во Кина. Тему управува со финансискиот дел од трансакцијата и, во некои случаи, со испораката. Во секој случај, Тему делува само како посредник и добива провизија за ова.
Затоа, Тему може речиси целосно да ги отфрли скапите магацини и на тој начин да заштеди трошоци. Сепак, ова води до подолго време на испорака. Но, тука лежи деловниот успех. „Тему постигнува значително пониска цена благодарение на долгите времиња на испорака“, објаснува експертот за онлајн малопродажба Александар Граф: „Западните платформи за е-трговија очигледно предолго се потпираа на пократко време на испорака“. Плус, вели Граф, апликацијата на Тему „ги тера потрошувачите почесто да купуваат“. Успехот докажува дека деловниот модел на Тему е точен: според Епл, таа била најсимнуваната апликација за смартфон на годината во 2023 година.
„И Тему, исто така, сериозно се натпреварува со водечкото име во онлајн малопродажбата“, вели Граф, еден од директорите на Spryker, софтверска компанија за е-трговија: „Амазон, со својата главна платформа, има проблеми да се натпреварува со конкурент од Кина. Затоа, во САД, компанијата ја лансираше продажната платформа ‘Amazon Haul’ за да се спротивстави на Тему, и оваа платформа работи на принципот на широк спектар на многу евтини артикли со значително подолго време на испорака отколку на матичната Амазон.
Кој стои зад платформата Тему?
Кинеската матична компанија PDD Holdings, која котира на американската берза, стои зад оваа апликација за тргување, околу која се толку загрижени службите за заштита на потрошувачите, Амазон и Европската унија. Најважниот основен бренд на ПДД ја вклучува платформата за е-трговија Pinduoduo, која е во сопственост на кинескиот милијардер Колин Женг. Конкретните бројки за продажбата и профитот на Тему не се појавуваат на билансот на состојба на ПДД Холдингс и групацијата останува шкрта на зборови.
DW