Новата Комисија на ЕУ под раководство на Урсула фон дер Лајен може да почне со работа на 1 декември. Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур даде одобрение со големо мнозинство. Членовите на ЕП ги потврдија номинациите на 26-те еврокомесари во Стразбур со 370 гласа за, 282 против и 36 воздржани.
Тимот на Фон дер Лајен доби поддршка од нејзината политичка групација, Европската народна партија, и голем дел од социјалдемократите и од либералите. Некои зелени и екстремно десничарски политичари од групата на италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така, најавија дека ќе гласаат за новата комисија.
Пред гласањето, Фон дер Лајен побара од пратениците да го одобрат нејзиниот тим. За нејзиниот втор мандат таа вети соработка „со сите демократски, проевропски сили“ во Европскиот парламент. Правењето компромиси е белег на секоја жива демократија, рече Фон дер Лајен
Обраќајќи им се на европарламентарците, Урсула фон дер Лајен рече дека нејзиниот нов тим е подготвен веднаш да се справи со зголемените предизвици за ЕУ – најитно со војната во Украина која „беснее на границите на Европа“.
Таа апелираше за значително зголемување на трошоците за одбрана. „Немаме време за губење. И мора да бидеме амбициозни колку што се сериозни заканите“, рече претседателката на ЕК.
Остра критика за номинацијата на Фито
Таборот на левиот центар претходно ја критикуваше номинацијата на италијанскиот десничарски политичар Рафаеле Фито за еден од нивните заменици. Како еден од шесте потпретседатели во новата Комисија, Фито ќе биде одговорен за регионалното финансирање и на тој начин ќе управува со фондовите на ЕУ вредни милијарди. „Ова е одлуката која ја донесов“, нагласи Фон дер Лајен пред пратениците. Фито припаѓа на постфашистичката партија на италијанската премиерка Џорџа Мелони.
DW