Ердоган по средбата со Зеленски: Туркије ќе продолжи со напорите за праведен мир меѓу Русија и Украина

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије ќе продолжи со напорите за воспоставување праведен мир меѓу Русија и Украина, јавува Анадолу.

„Додека ја продолжуваме нашата солидарност со Украина, ќе продолжиме да настојуваме да ја завршиме војната со фер мир заснован на преговори“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со неговиот украински колега Владимир Зеленски.

Ердоган денеска се сретна со Зеленски во палатата Долмабахче во Истанбул.

„Туркије е подготвена да биде домаќин на мировен самит на кој ќе биде присутна и Русија“, рече Ердоган.

Тој исто така рече дека Туркије силно ќе ги поддржи и напорите за обнова на Украина.

Ердоган истакна дека Црноморската иницијатива за жито овозможила речиси 33 милиони тони жито да стигнат до оние на кои им е потребно, со што се спречи глобалната криза со храна.

„Задоволни сме што нашата билатерална трговија остана стабилна и покрај војната“, рече Ердоган.

Тој додаде дека Анкара и Киев продолжуваат кон целната трговска размена од десет милијарди долари.

„Што поскорото стапување во сила на договорот за слободна трговија со Украина несомнено ќе им даде нов замав на нашите односи“, додаде турскиот претседател.

Украинскиот претседател Зеленски истакна дека се постигнати значајни хуманитарни резултати благодарение на напорите на Туркије.

„Му благодарам на претседателот Ердоган и на турскиот народ за поддршката за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина“, рече Зеленски.

Тој исто така рече дека го цени тоа што турскиот претседател Ердоган никогаш не го променил ставот за поддршка на суверенитетот и интегритетот на Украина.

извор:

фото: