Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Европската унија ќе го затвори својот воздушен простор за руските авиокомпании и приватните авиони поради руската инвазија на Украина.
Забраната беше донесена денеска од страна на министрите за надворешни работи на блокот. Одлуката е меѓу неколкуте акции што ги најавија министрите за надворешни работи по средбата во Брисел.
„Го затвораме воздушниот простор на ЕУ за Русите. Предлагаме забрана за сите авиони во руска сопственост, руски регистрирани или контролирани од Русија. Овие авиони повеќе нема да можат да слетаат, полетуваат или прелетуваат на територијата на ЕУ“, рече Фон дер Лајен на прес-конференција.
Фон дер Лејен истакна дека Унијата ќе презема уште еден досега незабележан чекор ќе ја забрани „медиумската машинерија на Кремљ“.
„Државните медиуми Russia Today и Sputnik, како и нивните дописништва повеќе нема да можат да шират лаги за да ја оправдаат војната на (рускиот преседател Владимир) Путин и да внесуваат раздор во Унијата“, рече претседателката на ЕК, додавајќи дека Унијата развива алатка за забрана на „токсичните и штетни дезинформации“ во Европа.
Третата мерка е воведување нов пакет санкции против Белорусија, којашто е обвинета дека под водство на претседателот Александр Лукашенко наводно „активно учестува во агресијата врз Украина“.