ЕУ да смисли подобар модел за интеграција на Западен Балкан

ЕУ треба да го преосмисли моделот за интеграција на Западниот Балкан, да им овозможи на земјите од регионот пристап до заедничкиот европски пазар наместо да инсистира на регионално поврзување, и да ја зголеми финансиската поддршка, односно истата да ја приближи до нивото на помош која ја добиваат земјите-членки на ЕУ од регионот. Ова се дел од препораките од публикацијата „Структурни промени на Западен Балкан“ на Аспен Институтот Германија. Авторите на студијата предупредуваат дека регионот е во фаза на длабока економска, дигитална и енергетска трансформација, но напредокот е нерамномерен, а често и недоволен.

Северна Македонија, иако често се смета за реформски „позитивец“, се соочува со сериозни предизвици кои можат да го успорат нејзиниот пат кон Европската Унија.

Критики за Планот за раст на ЕУ
Најголеми критики во студијата се одвоени за ткн. План за раст на ЕУ. Планот за раст значително го преценува економскиот потенцијал на регионалната интеграција, се наведува во публикацијата на Аспен институтот.

„Често повторуваните тврдења – вклучително и од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен– за можен раст на БДП од 10% во целиот Западен Балкан како резултат на регионалната интеграција се заснова на погрешно толкување на истражувањата на Светска банка, кои всушност укажуваат на многу помали и нерамномерни придобивки, констатира анализата.

Напротив, одделни анализи на Светска банка покажуваат дека подлабоката интеграција со единствениот пазар на ЕУ би донела значително поголеми придобивки. Ова потврдува дека регионалниот пазар на Западен Балкан, иако корисен, останува „втор најдобар“ избор, особено за производи со ограничена конкурентност на пазарите на ЕУ или на меѓународно ниво. Оваа неусогласеност меѓу амбицијата и реалноста ја поткопува кредибилноста на Заедничкиот регионален пазар како извор на мотивација во Западен Балкан.

Искуството на земјите од Централна и Источна Европа дополнително го потврдува ова: кај нив, регионалната економска интеграција доби замав дури по пристапувањето во ЕУ. Ова потврдува дека учеството во единствениот пазар, а не пред-пристапниот регионализам, е вистинскиот мотор на интеграцијата. Со тоа што не ги признава целосно овие факти, Планот за раст ризикува да ги помеша посредните алатки со стратешките цели и да ја прецени способноста на Заедничкиот регионален пазар да испорача трајни резултати.

Дополнително, споредено со обемот на поддршка што ЕУ ја обезбедува за своите членки, овој механизам изгледа многу скромен. Дури и кога ќе се комбинираат грантовите од Економскиот и инвестицискиот план и Планот за раст, Западен Балкан ќе добие до 11 милијарди евра во периодот 2021–2027 година – значително помалку од соседните земји-членки на ЕУ. На ниво по жител, граѓаните на југоисточните земји-членки на ЕУ добиваат шест до девет пати повеќе средства отколку оние во Западен Балкан. Оваа нерамнотежа го поткопува кредибилитетот на Планот како инструмент за конвергенција и отвора прашања за подготвеноста на ЕУ да обезбеди доволни ресурси за вистинска структурна трансформација.”

Што се однесува до другите параметри, публикацијата опфаќа и критики и пофалби за Македонија.

ЕУ интеграција: Отворени преговори, но бавен напредок
Северна Македонија ги отвори преговорите за членство и продолжува да се усогласува со европските стандарди, но билатералните спорови и политичката нестабилност го забавуваат процесот. За споредба, Албанија и Црна Гора се сметаат за предводници – Албанија ги отвори сите кластери, а Црна Гора ги отвори сите поглавја. Босна и Херцеговина доби кандидатски статус, но се соочува со длабока политичка фрагментација, додека Србија преговара од 2014 година, но напредокот е ограничен.

 

 

DW