ЕУ му донираше на ЈСП шест еколошки автобуси

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, донација од Европската Унија.

„Оваа активност која денес ја спроведуваме е проект вреден 10 милиони евра којшто ќе придонесе за намалување на загадениот воздух, бидејќи тоа е еколошки проблем што го чувствуваме веднаш по почетокот на грејната сезона и со години го зема данокот врз здравјето на граѓаните,“ изјави амбасадорот на Европската унија во земјава, Михаил Рокас, на примопредавањето на шесте еколошки автобуси во Дирекцијата на ЈСП.

Проектот, како што додаде, ги опфаќа градовите Битола, Куманово, Скопје и Тетово, односно оние кои се соочуваат со зголемено аерозагадување.

„Транспортот е причина за големото количество емисии на јаглерод диоксид којшто го испуштаме во атмосферата. На овој начин овозможуваме граѓаните да можат да го користат јавниот превоз, наместо поединечни возила. Мора да го направиме јавниот транспорт колку може помалку да загадува“, нагласи Рокас.

 

 

slobodnaevropa.mk