ЕУ одобри нов пакет санкции против Русија поради војната во Украина

Франција, која претседава со Европската Унија (ЕУ), доцна синоќа соопшти дека Блокот одобрил нов пакет санкции против Русија поради нејзините воени дејствија против Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Француското претседателство преку соопштение истакна дека „ЕУ во консултација со нашите меѓународни партнери, го одобри четвртиот пакет санкции насочени кон поединци и ентитети вмешани во агресијата против Украина, како и неколку сектори на руската економија“.

ЕУ, исто така, одобри декларација до Светската трговска организација (СТО) „за суспендирање на примената на клаузулата за најфаворизирана земја [во трговијата] за Русија“, се вели во соопштението.

Деталите за последниот пакет санкции ќе бидат познати по објавувањето во официјалниот весник на ЕУ.

Најавите дојдоа по самитот на лидерите на ЕУ во Версај минатата недела дека Блокот подготвува нов пакет построги санкции против Русија поради војната против Украина.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во петокот изјави дека Блокот ќе работи на „суспендирање на правата на Русија како членка во водечки мултилатерални финансиски институции“, меѓу кои и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.

„Ќе ѝ го ускратиме на Русија статусот на најфаворизирана земја на нашите пазари. Ова ќе ги поништи значајните бенефити што ги ужива Русија како членка на СТО“, порача Фон дер Лајен.

Нагласувајќи дека руските компании повеќе нема да имаат привилегирана позиција во ЕУ, таа рече „ќе се погрижиме Русија да не може да добие финансии, заеми или какви било други бенефити од овие институции.“

Таа истакна и дека работат во насока „руската држава и нејзините елити да не можат да користат крипто средства за да ги заобиколат санкциите“.

„Европската Унија“, додаде таа, „ќе го забрани извозот на луксузни стоки од земјите на ЕУ во Русија.“

Ќе биде забранет и увоз на клучни производи од железо и челик од Русија, почара Фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ ќе предложи голема забрана за нови европски инвестиции во енергетскиот сектор на Русија.

„Оваа забрана ќе ги опфати инвестирањето, трансферите на технологија, финансиските услуги и друго, за енергетски истражувања и производство“, истакна таа.

Извор: Агенција Анадолија (АА).