За три лажни, фалсификаторите „заработувале“ едно вистинско евро

Европската Централна Банка повлекла од оптек околу 1 милион 150 илјади евра фалсификувани банкноти кои припаѓаат на истата типологија на оние кои биле изработени во Северна Македонија. Првоосомничениот имал добро разработена шема за фалсификување евра и продавање во Србија, а заработката ја вложувал и во криптовалути.

Едно легално евро давале купувачите за три лажни кои ги изработувале фалсификаторите кои беа откриени на територијата на Северна Македонија и Србија. Толкава била заработката на македонската група криминалци која беше фатена со околу милион евра фалсификувани банкноти, дознава РСЕ од добро упатени извори во истрагата под кодно име „Вардар“.

Тоа значи дека групата од шестмина осомничени само за овие пари кои беа пронајдени во станот во Чаир каде се изработувале банкнотите, требало да заработи околу 340 илјади евра доколку сите ги продале на купувачите од Србија.

Македонската група осомничени ги фалсификувале банкнотите кои потоа ги продавале на криминална група во Србија, која пак успевала да ги пушти во промет и на тој начин да ги „легализира“.

Паралелно со македонското обвинителство вчера беше објавено дека работело и српското, каде пак се уапсени исто така шестмина осомничени.

Според официјалните информации од Обвинителството, во Северна Македонија се наоѓала буквално фабрика за лажни пари која работела во стан во скопската населба Чаир каде се наоѓале машините за производство.

Имала шестмина работници со точно поделени задачи во процесот на производство. Меѓу уапсените, глава на групата бил повозрасен Албанец на кој му помагал неговиот син, додека останатите четворица уапсени се Македонци од кои тројца се од Скопје, додека еден е од Велес.

 

slobodnaevropa.mk