По осумдневни маневри денеска успешно заврши тактичката вежба „Блесок 22“ каде околу 1.100 армиски припадници вежбаа според фиктивно сценарио со креирани настани и инциденти што овозможи лесниот пешадиски баталјон, кој е во составот на Првата пешадиска бригада да се оцени согласно НАТО стандардите, вели Министерството за одбрана.
– Армијата на Македонија на дело покажа дека е способна и мотивирана. Дека функционира според највисоките НАТО стандарди. Лесниот пешадиски баталјон е првата поголема единица која беше оценувана според стандардите за оценување на борбена подготвеност на НАТО, по членството на државата во Алијансата. Можеме да одиме со исправена глава, зашто покажавме дека сме на одличен пат да ги исполниме сите зацртани НАТО цели на способности – рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.