Западен Балкан остана без конкретни ветувања од ЕУ

Од еден самит на ЕУ во Солун во 2003 година, Унијата која сега веќе брои 27 земји-членки, ја повторува истата мантра – дека државите од Западен Балкан, кои произлегоа од распадот на Југославија, како и Албанија, припаѓаат на Европа и треба да бидат примени во клубот. Само Хрватска го направи таквиот скок во 2013 година. Останатите шест – Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија – се стремат веќе многу години во различни фази од долгиот претпристапен процес кон конкретен датум за членство.

„Сега мора со сосема ново темпо да го завршиме овој процес за изгледите за пристапување да се претворат во вистински пристап“, рече германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц во Брисел, каде, како и секоја година, се одржа самитот ЕУ-Западен Балкан. Шолц не го кажува ова за првпат – и пред две години зборуваше за темпо и забрзување.

Расте нетрпението
Од гледна точка на многу политичари од Западен Балкан, во евроинтеграциите не се има многу поместено. Еди Рама, премиерот на Албанија, пристапниот процес наизменично го нарекува нефер или невротичен. Албанецот дури и смета дека е лицемерно што Украина – и покрај неа и Молдавија – во брзо темпо го минуваат процесот на пристапување само за да се испрати геополитичка порака во борбата против рускиот агресор. Еди Рама своите надежи ги полага во новиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас од Естонија, и смета дека таа дефинитивно ќе се залага за Западен Балкан, бидејќи и таа самата пораснала во комунистичка диктатура, се борела за слобода и конечно влегла во ЕУ. Според албанскиот премиер, Западен Балкан поминал низ сличен процес. Еди Рама воодушевено ѝ поласка на поранешната шефица на владата на Естонија по нивната прва средба на нејзината нова функција. „Ви благодариме за пријателската насмевка во здодевното сиво време утрово во Брисел“, рече Рама.

Не се сите во ЕУ на иста линија
Ставовите во Европската унија за тоа која држава од Западен Балкан колку брзо треба да биде примена, во голема мера варираат. Австрија, која одржува блиски историски врски со Балканот, формираше „група пријатели“ за шесте кандидати. Во други земји кои се географски подалеку, како Ирска или Шпанија, амбициите не се толку големи. Шпанија, како и други земји од ЕУ, сè уште не го ни признала Косово како држава.

Србија и натаму го смета Косово за отцепена покраина. Таквиот спор меѓу Србија и Косово не е близу до решение и покрај напорите на ЕУ за посредување. Напротив, делумно насилни судири и терористички напади дополнително ги оптоваруваат односите меѓу Косово и Србија. Тие исто така го блокираат напредокот во процесот на пристапување.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на самитот во Брисел опширно се жалеше дека на Србија ѝ се признава напредок, иако во надворешната политика е поврзана со Русија. Косово, од друга страна, вели таа, ги исполнило сите реформи и барања на ЕУ и секако ја поддржува политиката на ЕУ за Украина. „Ние сме најпријателската земја во однос на Европа во цел свет, но нашата апликација за членство исчезна во некоја фиока во Брисел“, рече Османи.

 

 

DW