Дуќан сопственост на советник од редовите на ДУИ ноќеска бил запален во Куманово. Фотографиите на социјалните мрежи ги објави советникот Фитор Јакпи кој пишува дека пожарот утрово во 3 часот го подметнале непознати сторители.
На социјалните мрежи утрово е објавена и фотографија на која може да се види и запален автомобил за кој дел од медиумите кои известуват на албански јазик пишуваат дека е сопственост на високо позициониран јавен обвинител но не се соопштуваат детали.
Опозициската ДУИ на случајот веднаш му даде меѓуетничка димензија. Во соопштение испратено утрово кое тие го нарекоа „вонредно“ обвинија дека Албанците во земјава биле оставени на милост и немилост.
„Тешките настани што се случија синоќа во Куманово, каде што неколку автомобили и една продавница на Албанци беа запалени, претставуваат горчлив доказ за духот на омраза и меѓуетнички поделби. Ова веќе не е само неодговорност или неуспех – ова е опасна криза која се влошува секој ден.“ – се вели во соопштението што го објавија од ДУИ.
Од МВР до овој момент нема официјални информации за овој случај.