Во текот на изминатата ноќ непознати лица запалија два камиони на барикадата на мостот на реката Ибар, кај местото Дудин Крш во општина Северна Митровица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Барикадата на мостот што го спојува градот Митровица со магистралниот пат Митровица – Лепосавиќ е поставена пред два дена заедно со барикадата во самиот град, во Бошњачка Махала кај Техничкото училиште.
Сè уште не е започнато отстранувањето на барикадата во Рударе, кај Звечани, на главниот пат Митровица – Лепосавиќ. Таа барикада, поставена пред 20 дена, ја чуваа локални Срби.
Се очекува денеска локалните Срби да почнат со отстранување на камионите и останатата тешка машинерија со кои од 10 декември ги држат под блокада патиштата на северот на Косово.
Одлуката за отстранување на барикадите од патиштата е донесена синоќа по разговорот меѓу претставниците на косовските Срби и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одржан во Рашка, српско гратче недалеку од границата со Косово.
Условите за отстранување на барикадите се создадени откако Основниот суд во Приштина вчера, на барање на Специјалното обвинителство на Косово, го смени затворскиот притвор на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ во домашен притвор поради здравствени причини и поради непостоење услови да ги ужива законските права што му припаѓаат како притвореник.
Пантиќ синоќа е префрлен во семејниот дом. Тој се товари за загрозување на уставниот поредок на Косово и за терористички чин поради организирање напад врз службеници на Централната изборна комисија на Косово.
Како што изјави Вучиќ, добиени се гаранции од ЕУ и од САД дека нема никакви списоци на Срби и дека никој нема да биде гонет за организирањето на барикадите на патиштата.
Српските претставници на почетокот на ноември ги напуштија сите косовски институции поради одлуката на Владата на Косово за задолжителна пререгистрација на возилата од старите, кои ги издаваше Србија, на таблички со ознаката РКС. Таа одлука е одложена на неодредено време поради големите тензии на северот на Косово и опасноста од ескалација на ситуацијата.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото: Erkin Keçi/АА Агенција Анадолија (АА).