Започнаа клиничките испитувања за лекување за Алцхајмеровата болест развиени во Австралија

На Институтот за неврологија при Универзитетот во Квинсленд, Австралија, развиена е нова технологија за примена во лекувањето на пациенти со Алцхајмерова болест, пренесува Агенција Анадолија (АА).

На веб-страницата на Универзитетот е наведено дека новиот ултразвучен апарат наречен „UltraThera“, развиен во Институтот, бил тестиран за истражувачки цели, а клиничките испитувања се веќе започнати.

Се очекува оваа процедура позитивно да влијае на некои симптоми на Алцхајмеровата болест.

Професорот од Институтот, Јурген Гоц, изјави дека методот на лекување почнал да се тестира на луѓето: „По завршувањето на испитувањата за безбедноста, ќе започнеме со испитување на ефектите од лекувањето.“

Истакнувајќи дека првите четворица пациенти со технологијата ќе бидат третирани четирипати на секои две недели во испитувањата во кои учествуваат 12 пациенти, Гоц рече: „Првиот пациент ги прими првите четири третмани, тој изгледа здраво и добро.“

Нагласувајќи дека сѐ уште не постои ефикасен третман за Алцхајмеровата болест, Гоц рече дека потенцијалот за лекување на болеста со ултразвук во иднина е исклучително корисен.

Тој додаде дека оваа студија следува по пионерската студија објавена во 2015 година дека ултразвукот може да ги врати функциите на помнење.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).