Светло зелена комета ќе прелета покрај Земјата за прв пат по 50.000 години и би можела да остане во близина на нашата планета околу еден месец. Претставниците на НАСА изјавија дека ледениот посетител првпат бил забележан во март 2022 година додека бил во орбитата на Јупитер. Жителите на северната хемисфера од вчера можат да го забележат со двоглед како мал зелен сјај.
Научниците соопштија дека кометата ќе биде најблиску до Земјата на 2 февруари, кога ќе биде оддалечена 42 милиони километри од нашата планета. „Кометите се озлогласено непредвидливи, но ако оваа продолжи со сегашниот тренд на осветленост, ќе биде лесно да се забележи. Може да стане видлива со голо око на темно небо“, објави НАСА на својот блог претходно овој месец.
Зелената комета е всушност ледено небесно тело, кое го има официјалното име C/2022 E3 (ZTF). Пензионираниот средношколски професор и астрофотограф Ден Бартлет ја фотографирал кометата од својата кабина во близина на националниот парк Јосемит во Калифорнија и гледањето во небото го нарекува „понизно“ искуство, пишува Би-Би-Си.
„Ви велам, двоглед, темно место, ќе видите нешто. Донесете ги пријателите и сите ќе видите нешто од животот“, вели Бартлет. Тој има два „прилично импресивни двогледи“ на својот трем во Јуни Лејк, а ведрите ноќи и темното небо му дозволуваат да прави импресивни фотографии.
index.hr