Шефовите на големите технолошки концерни во САД досега делуваа како супербогати кралеви со своја дигитална империја. На пример, шефот на Мета, Марк Закерберг. Милијарди луѓе ги користат неговите мрежи. Тој, особено во САД, во голема мера може самиот да си ги определува правилата за игра на своите платформи. Пред првиот мандат на Доналд Трамп, тој се бранеше од неговите напади, а Трамп за возврат дури му се закануваше и со затвор. Работите се сменија во пресрет на вториот мандат. Сега се чини дека Закерберг попушта и ја следи линијата на Трамп.
Зборови кои веројатно ќе им се допаднат на Трамп и Маск
„Сакам да зборувам за нешто важно. За слободата на говорот на Фејсбук и Инстаграм“, рече Закерберг минатата недела во многу дискутирана видео објава. За своите најави избира зборови кои најверојатно ќе му годат на Трамп и на неговиот советник Маск.
На пример, тој зборува за „традиционални медиуми“ кои цензурирале содржини. Тоа не соодветствува на фактите. На платформите се бришат содржини кои се против правилата. Тоа не е цензура, туку модерирање. Тоа на Мета треба да биде значително олабавено. Закерберг сака да ја врати слободата на говорот на своите мрежи, аргументира тој.
„Ќе им се нанесе штета на многу луѓе“
Во иднина на Инстаграм или на Фејсбук ќе може да се кажува многу повеќе. На пример, веќе не е прекршување на правилата доколку жените се опишуваат како предмети од домаќинството.
Новинар Кејси Њутн, кој се занимава со технолошки теми, на поткастот Хардфорк вели: „Јас сум геј. Сега може да ме нарекуваш ментално болен“. Тоа значи дека сега на Фејсбук повторно може да се разбранува насилство. „Една од последиците е дека повеќе луѓе ќе бидат оштетени“.
Мета во САД ги укинува и тимовите за проверка на фактите. Се укинуваат и програми кои промовираа жени, Афроамериканци или Латиноамериканци во компанијата.
Која е причината за ова?
Зошто Закерберг го прави ова неколку дена пред инаугурацијата на Трамп? Во медиумите се дискутираат две теории: тој го кажува она што сака да го чуе идната влада, од опортунизам. За бизнисот, парите, никој не сака да си има проблеми со власта.
Другата теорија е дека тој навистина еволуирал во некој вид „МАГА – Марк“. Наводното капитулирање пред Трамп воопшто не е капитулација. Закерберг го мисли тоа што го кажува – неговите сопствени платформи, како што се претпоставува, му станале премногу „просветлени“ за негов вкус. Кевин Рус, колумнист за технологија при „Њујорк Тајмс“ вели дека „нема докази за теоријата, но пријателите кои го познаваат ми кажаа дека во последните години станал конзервативен.“
Шефот на Амазон – донатор на Трамп
Се очекува Закерберг да присуствува и на инаугурацијата на Трамп. Тој нема да биде единствениот технолошки милијардер кој сака да се зближи со новиот претседател. Основачот на Амазон и член на Управниот одбор, Џеф Безос, следната недела ќе престојува во Вашингтон. Како и Закерберг, тој донираше еден милион долари во „фондот за инаугурација“ на Трамп. Парите се користат за финансирање на гала вечери и приеми поврзани со инаугурацијата. Безос го посети Трамп и во неговиот клуб во Мар-а-Лаго на Флорида. Амазон исто така од веб-страницата на компанијата ги отстрани референците за диверзитет на своите вработени.
Донира и директорот на Гугл
Директорот на Гугл, Сундар Пичаи, исто така се приклучи на општиот тренд, па компанијата донираше еден милион долари за инаугурацијата на Трамп. Многу други компании исто така го прават тоа – точните причини не се јасни.
Но, критиките за големината и моќта на технолошките компании во Вашингтон со години се зголемуваат. Властите веќе подолго време истражуваат, особено против Гугл, и на компанијата ѝ се заканува расцепкување.
И Мајкрософт е во друштвото
Мајкрософт исто така донираше пари. Особено важно за нив, но и за други, е регулирањето на вештачката интелигенција. Мајкрософт тесно соработува со креаторите на ЧетГБТ на ОпенАИ и има голем интерес законите за вештачка интелигенција да не го ограничуваат премногу нивниот бизнис.
Скот Геловеј е професор на Универзитетот Њујорк и е водител на познати економски поткасти. Тој во интервју за МСЦБС вели: „Новоизбраниот претседател се заканува оти ќе ги прогонува и регулира оние кои не донираат за него. Секој ден стануваме по малку послични на Русија“, оценува тој.
DW