Игор Јуриќ од Центарот за исчезнати и малтретирани деца за Радиотелевизија Србија кажа дека државата е во голема мера одговорна за киднапирањето и убиството на 14-годишното девојче во Македонија.
Тој посочува и дека има многу нелогично во целиот случај и дека е неодговорно на почетокот на истрагата да се обвинува таткото на убиеното девојче, објави faktor.mk.
Јуриќ за РТС изјави дека реакцијата на јавноста е очекувана, но дека смртната казна не е одговор на ваквите злосторства, туку дека работите треба да се спречат и да се разговара за превентивни мерки.
Јуриќ вели дека лица од Македонија му потврдиле дека осомничениот за кривичното дело е човек кој неколкупати бил обвинет за разни тешки кривични дела, дека имало закани и малтретирање.
„Можам слободно да кажам дека на некој начин беше под заштита на државата. Можам да потврдам дека државата е на некој начин и во голема мера одговорна за тоа што се случи“, нагласува Јуриќ.
Тој посочува дека е неодговорно и дека му е „трн во око“ што министерот за внатрешни работи на Македонија излезе на самиот почеток на истрагата и јавно упати сериозно обвинение против таткото на убиеното девојче.
„Има многу нелогичности во целиот случај. Се зборува за личен интерес, а всушност немало барање за откуп. По два и пол часа девојчето веќе било убиено. Ако е вклучен личен интерес, постои огромно прашање зошто случајот со убиство се случи толку брзо“, вели Јуриќ.
Забележува дека не може да се согласи со втората изјава на македонскиот министер – дека девојчето е убиено затоа што јавноста се вознемирила.
“Ова не е вистина. Ако ја погледнете анализата на она што се случи на социјалните мрежи од моментот кога девојчето исчезна, ќе разберете дека вистинскиот аларм се вклучи дури по четири часа“, вели Јуриќ.
Тој нагласува дека поради ова е крајно опасно да се обвинува родителот.
„Не можам да се помирам со фактот дека еден родител, еден татко е подготвен на кој било начин да го предаде своето дете, да го продаде за толку тешко кривично дело. Во случај да се докаже дека тоа е вистина, најтешката можна казна мора да биде за таткото на девојчето“, смета Јуриќ.
Текстот во целост на:faktor.mk