„Европа не е силна без силна Германија“, рече претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола по распадот на коалицијата на Социјалдемократите, Либералите и Зелените во ноември минатата година. Понатамошни официјални изјави за изборите во Германија се ретки, бидејќи претставниците на Европската Унија генерално не ги коментираат изборите во земјите-членки.
Меѓутоа, кога најголемата земја-членка се соочува со можна промена на власта, тоа не останува незабележано во Брисел. За оваа тема се разбира, загрижени се и земјите-партнери со кои Германија соработува во рамките на ЕУ. Еден дипломат од ЕУ, сепак, го сумираше за ДВ расположението во Брисел: „Надежта поврзана со изборите е дека по нив ќе има поголема јасност и предвидливост во германската позиција кон законодавните иницијативи“.
ЕУ се надева дека Берлин ќе биде понедвосмислен
Дипломатот на ЕУ алудира на она што Софи Порншлегел, заменик директор на Институтот Жак Делор во Брисел, го нарекува „екстернализација на германските проблеми во Брисел“. Станува збор за психолошки термин кој опишува како внатрешната состојба влијае на надворешноста. Со надеж дека тоа нема да се повтори по падот на последната влада, Брисел внимателно ја следи политичката насока што ќе ја преземе новата германска владејачка гарнитура.
Внатрешните конфликти во рамките на минатата влада предизвикаа големи нарушувања во донесувањето на одредени закони во ЕУ. На пример, веќе договорениот план за климатски неутрални автомобили до 2035 година беше одложен со недели поради несогласувања во германската влада. Дури по отстапки кон либералниот коалициски партнер, сојузната влада го одобри предлогот. Слично се случи и со законот за европскиот синџир на снабдување, каде Германија по долги преговори и омекнување на текстот на законот се воздржа од гласање, бидејќи ниту за тоа прашање не можеа да се договорат членовите на коалицијата.
DW