Основците од прво до петто одделение на 1-ви септември наместо учебници како материјал за учење добија брошури. Во секоја брошура се вметнати лекциите за првото тромесечие од четири наставни предмети. Учебниците официјално доцнат поради сложени процедури во изборот на автори и недостиг на рецензенти.
Министерството за образование во јули распиша тендер за печатење на вистинските учебници за сите основци. Но, во меѓувреме тендерот претрпи две измени поради технички грешки во тендерската документација, па се изгуби време за да почне постапката за доставување на понуди од заинтересираните фирми за печатење. Отворањето на понудите се спроведе на 12 август. За тендерот вреден 4,5 милиони евра конкурираа печатницата „Европа 92“ заедно со „Бранко Гапо“, а понуди доставија и „Полиестердеј“, „Серафимовски“, „Просветно дело“ и „Арбериа дизајн“.
Условите пропишани во тендерот уште од самиот почеток го надѕираа епилогот. Министерството за образование предност даде на печатницата која има отпечатено тираж од најмалку 500.000 монографски публикации во последните две години. При бодувањето цената носи максимални 70 бода, а квалитетот односно претходно отпечатениот тираж носи максимум 30 бода.
„Европа 92“ е една од најстарите и најголемите печатници во државава. Сопственик е поранешниот градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Димитровски. Неговата печатница победи на тендерот, а конкурентските фирми поднесоа жалби до второстепена комисија. Жалбите им беа одбиени како неосновани. А, жалбената постапка го успори потпишувањето на договорот со победникот „Европа 92“, па мораше да се бара решение за учебници во „пет до дванаесет“.
Министерот Јетон Шаќири одлучи да нарача брошури за да ја пополни дупката додека да стасаат учебниците и истите да ги плати со пари кои се заем од Светска Банка за проект за унапредување на основното образование. И оваа зделка ја доби „Европа 92“ и зеде дополнителни 500.000 евра за печатење и испорака на брошурите за еднократна употреба.
„Најважно е непреченото одвивање на наставниот процес“ – велат од Министерството за образование, оправдувајќи ги дополнителните трошоци.
Министерството два месеци криеше од јавноста која фирма ги испечати брошурите. Образложението беше дека не биле должни да го објават договорот затоа што се работи за пари кои не се од државниот буџет, туку заем од Светска Банка.
Освен договорот за печатење на брошурите, Министерството за образование не го сподели ни договорот за печатење на вистинските учебници кои се купуваат со пари од буџетот. Оттаму веќе три недели за ИРЛ велат дека во најкус можен рок ќе го објават договорот, но тој се уште не е достапен ни на веб страната на Министерството, ниту на Електронскиот систем за јавни набавки.
„Не знам колку точно учебници треба да се испечатат и колку пари е договорот. Ова е сукцесивна рамковна спогодба. Обратете се во други служби за одговорот“ – рече Фидан Селмани, вработен во МОН кој e надлежен за информации за јавната набавка на учебниците.
Последната информација од Министерството за образование е од 8-ми ноември кога соопштија дека оваа и следната недела ќе се испечатат најголем дел од учебниците. ИРЛ побара точна информација од министерот Јетон Шаќири за вкупен број на потребни учебници и динамика на испорака до училиштата, но бараните податоци тој не ги достави.
Сопственикот на печатницата „Европа 92“, Ратко Димитровски, вели дека досега се испечатени 40.000 примероци. Застојот го прави Министерството за образование кое не му испраќа материјали за печатење.
„Ние имаме договор за печатење до 25ти ноември. Завршено е само тоа што го имаме добиено. Проблемот е подготовката кај нив пред учебниците да стигнат кај нас. Дополнително ќе се печатат уште учебници по 10, 15 илјади сукцесивно. Ние само ги печатиме, откако ќе биде завршена процедурата во МОН“, изјави Димитровски за ИРЛ.
Не победи најниската цена
Бодувањето на понудите на тендерот за учебници на Министерството за образование се вршело според два критериуми. Цената носи максимални 70 бода, а квалитетот односно тиражот носи максимални 30 бода. На тендерот се пријавиле и печатниците „Серафимовски“ и „Полиестердеј“ од Скопје, но не успеаја да го победат Ратко Димитровски.
Во техничките спецификации на тендерот е наведено дека еден од условите е печатницата да има испечатено најмалку 500.000 монографски публикации во последните две години. Под монографски публикации се подразбираат единствено книги.
Печатниците „Серафимовски“ и „Полиестердеј“ на дневно ниво печатат повеќе изданија на весници, брошури, списанија и друг вид на публикации и имаат капацитет да испечатат голем број на тиражи за брзо време. Но, според вака поставените услови не се конкурентни пред големите печатници.
„Како ние ќе ги добиеме тие 500.000 монографски публикации во рок од три години кога секоја година не исклучуваат и не ни даваат шанса? Условите на Министерството за образование и наука се скроени за фаворити, а на овој начин се прави штета врз буџетот и државата е таа што плаќа дупло“, вели сопственикот на печатницата „Серафимовски“, Живко Серафимовски.
„Полиестердеј“ и „Серафимовски немале 500.000 монографски публикации, но сепак конкурирале на тендерот. Според начинот на бодување, освен условот за 500.000 монографски публикации постои и бодување на публикации во боја. Бизнис стратегијата на овие две печатници била да добијат помалку бодови за монографските публикации во боја, но да настапат со пониски цени и така да бидат конкурентни.
„Европа 92“ тендерот го доби со дупло поскапа цена од таа што јас ја понудив, а дури и од таа цена заработувам, замислете колку повеќе заработуваат они“, вели Серафимовски.
Од фирмата „Полиестердеј“ велат дека начинот на кој што се утврдени критериумите во тендерската документација е сомнителен.
„Дали некоја институција ќе отвори постапка за подетално разгледување на оваа срамна и сомнителна јавна набавка?“ – прашува Филип Спасовски од „Полиестердеј“.
Двете печатници испратиле жалби до Државната комисија за жалби по јавни набавки, но од таму се одбиени.
Печатницата „Серафимовски“ случајот со тендерот за печатење на учебниците за основно и средно образование го пријавила во Антикорупциска комисија.
На донаторот на ВМРО-ДПМНЕ му се посреќи и со СДСМ
Сопственик на печатницата „Европа 92“ е Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од редовите на ВМРО – ДПMНЕ. Неговата печатница е една од најстарите приватни во државава, основана во 1990 година.
Печатницата беше донатор на ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт. Димитровски беше и пратеник, а „Европа 92“ беше ангажирана во мулти-милионскиот проект на владата на Никола Груевски „1.050 книги“.
Димитровски вели дека неговата печатница има најголеми капацитети за печатење и дека е избрана затоа што министерството се довело пред свршен чин непосредно пред почетокот на учебната година.
„Јас не познавам никој од Министерство за образование, ниту од Светска банка. Не сум го пречекорил прагот на министерството. Капацитетите на „Европа 92“ се колку на сите други печатници во државата заедно“- вели екс градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски во разговор со ИРЛ.
Сопственикот на „Европа 92“ во 2018 година беше приведен заедно со уште осум лица во случајот „Поштенска Банка“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство. Имотот на печатницата беше замрзнат, а тој доби обвинение за перење пари и нелегално стекнување на пет милиони евра. Судењето се уште не е завршено.
„Штедливото“ министерство за образование и наука
Проектот за унапредување на образованието во Македонија преку заем од Светска банка почна во 2020-та година кога министерка беше Мила Царовска. Целата сума на заемот е 21,5 милиони евра. Заемот е со рок на отплата од 11 години, вклучува и грејс период од три години и време на спроведување од пет години.
Проектот се состои од четири компоненти – подобрување на училишната инфраструктура, развивање на програма за државно тестирање, зајакнување на компетенциите на наставниот кадар и мониторинг и управување со проектот.
Со парите се предвидени големи инвестиции во образованието и во училиштата. Дел од парите, односно 500.000 евра, сега се повлечени за изработка на брошурите. Нивната намена според договорот со Светска Банка била да се вложат во реновирање на училишните објекти, набавка на ИТ опрема, дидактички материјали и наставни помагала.
ИРЛ се обиде да добие одговори од десетина директори на основни училишта во државава, што е финансиски приоритет за училиштето и за што би искористиле 50.000 евра доколку добијат од Министерството за образование.
Одговор добивме само од две училишта.
Директорот на скопското основно училиште „Ѓорѓија Пулевски“, вели дека училишниот инвентар е во делумно добра состојба. Дел од клупите и столчињата се заменети пред пет години. Но, има некои работи кои не се сменети уште од кога постои училиштето.
„Доколку би добиле 50 000 евра би ги замениле вратите од училниците кои се стари од основање на училиштето со нови врати заради енергетска ефикасност и безбедност“, рече директорот Маријан Јовановски.
Директорката на училиштето „Владо Тасевски“ од Скопје, Викторија Коцевска, вели дека ова училиште кубури со простор, а училишниот инвентар редно време е да се смени.
“Доколку нашето училиште има повеќе пари, пред се би доградила нови училници за да може сите деца да одат во прва смена, затоа што имаме паралелки што мораат да одат само втора смена поради тоа што немаме капацитети. Исто така би го сменила училишниот инвентар и би набавила нови клупи и столици за децата“ – вели директорката Коцевска.
Парите кои министерството ги повлече од заемот на Светска Банка наместо во подновување на училиштата сега се потрошени за брошурите кои се направија за една употреба.
Вистинските учебници за прво, второ и трето одделение оваа година ќе бидат без материјалот за првото тромесечие. Учениците од овие три генерации пишуваат во учебниците и за нив секоја година треба да се печатат нови учебници. Учебниците за четврто и петто одделение ќе бидат дуплирани, истиот материјал кој го има во брошурите ќе биде вметнат и во учебниците.
Експерименти без резултати
Ако образованието е огледало на државата, тогаш Македонија е далеку од убавица. На последното спроведено тестирање на ПИСА (Програма за меѓународни тестирања на учебници) во 2019 година на ученици од 80 земји, ние се најдовме на 68 место. Тогаш учениците учеа според програмата наречена „Кембриџ“.
Македонија е независна држава веќе 31 година. Во образованието низ годините се спроведени десетици реформи, но ниту една не е завршена докрај. Најголемата реформа во основното образование почна во 2013 година, кога на власт беше коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Министерството за образование ја воведе програмата „Кембриџ“ и учениците учеа од брошури според новите стандарди. Власта ја продаде идејата како генијална, уверувајќи дека децата ќе учат од исти учебници како нивните врсници во Велика Британија. Експертите и рецензентите алармираа дека книгите се неквалитетни и дека од истите материјали учат само деца од села во Индија и Гана.
Меѓународниот испитен центар „Кембриџ“ пред две години во допис со ИРЛ откри дека никогаш не учествувал во развојот на учебниците во Македонија и дека владата инсистирала само за „брзи“ учебници. Проектот „Кембриџ“ овозможи монополски статус само за две издавачки куќи „Арбериа“ и „Арс Ламина“ кои поседуваа екслузивни договори за учебниците за кои министерството не поседуваше авторски права.
Проектот беше критикуван од тогашната опозициска партија СДСМ, но кога дојде на власт „Кембриџ“ продолжи да функционира уште четири години. Беше укинат ланската година.
Совет на мудреци ќе го оправа образованието
Министерот Јетон Шаќири смета дека проблемот со доцнењето на книгите е во законите и најавува нивни промени. Во меѓувреме, неговите анализи покажале дека има потреба од формирање на Совет за унапредување на образованието и науката.
Главен во советот е премиерот Димитар Ковачевски, а членови се и првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими. Една од активностите на Советот е да прави меѓународни истражувања за факторите што придонесуваат за ефективна настава за учење.
Додека Советот ќе ги истражува меѓународните искуства за ефективно учење, нивните ученици во основното образование се уште немаат учебници. Денеска е 63 ден од учебната година.
irl.mk