До Антикорупциска и ОЈО во пријава од група граѓани е наведено дека фирма на сестрата на Костадин Костадинов гради незаконски во Струмица. Обвинителството води предистражна постапка против поранешниот градоначалник на Струмица. И Костадинов и неговата сестра Тања ги отфрлаат обвинувањата.
Јавното обвинителство во Струмица во предистражна постапка ги истражува наводите во кривичната пријава поднесена од група граѓани во јуни 2025 година, кои пријавиле дека компанија во сопственост на сестрата на тогашниот градоначалник на општина Струмица, Тања Милушева Костадинова, гради зграда на две парцели без одобрение за градба.
Освен компанијата за која се наведува дека е во сопственост на неговата сестра, пријавата ги опфаќа и нејзиниот брат, ексградоначалникот Костадин Костадинов и двајцата овластени градежни инспектори во општината. Делата за кои се пријавени се злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и бесправно градење.
Во ист временски период, освен до Обвинителството, граѓаните поднеле пријава и до Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Правно лице кое е во сопственост на сестрата на градоначалникот гради зграда без одобрение на катастарските парцели и се прикрива ваквото незаконие, а надлежните инспекциски служби не реагирале за да се спречи градбата“, гласи пријавата до ДКСК.
Антикорупциска пред речиси еден месец на седница ја запрела постапката откако се обратила до Обвинителството од каде добиле одговор дека активно постапуваат по пријавата и дека е оформен е предмет кој го води струмичкото обвинителство.
slobodnaevropa.mk




