Истражување: Околу 13,4 милиони бебиња во 2020 година се предвремено родени

Околу 13,4 милиони бебиња во светот се родени предвреме во 2020 година, јавува Анадолу.

Студијата за предвремени раѓања ја објавија автори од Светската здравствена организација (СЗО), Фондот на ОН за деца (УНИЦЕФ) и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

„Се проценува дека 13,4 милиони бебиња се родени предвреме (пред полни 37 недели од бременоста) во 2020 година, што претставува приближно едно од десет од сите живородени деца“, се истакнува во извештајот.

Наведувајќи дека предвременото раѓање е водечка причина за смрт кај децата во првите години од животот, во извештајот се наведува и дека постои итна потреба за јакнење на негата за предвреме родените бебиња за да се зголеми стапката на преживување.

Констатирано е дека предвреме родените имаат голема веројатност на поголема возраст да заболат од тешки болести, инвалидитет, заостанување во развојот, како и хронични болести како дијабетес и срцева слабост.

„Нема значително намалување на стапката на предвремени породувања во ниту еден регион во светот во последната деценија. Годишното глобално намалување на предвремените породувања помеѓу 2010 и 2020 година беше само 0,14 отсто“, се наведува во извештајот.

Соопштено е дека околу 65 отсто од предвремените раѓања во 2020 година се регистрирани во субсахарска Африка и Јужна Азија.

Во извештајот се објаснува дека предвременото породување не е проблем што се гледа само во земјите со ниски и средни приходи, туку дека оваа ситуација ги погодува семејствата низ целиот свет.

Додека стапката на предвремено раѓање изнесуваше 11,6 отсто во Грција и 10 отсто во Соединетите Американски Држави, оваа статистика е забележана и во некои земји со високи приходи.

Лошото здравје на мајките и неисхранетоста, исто така, придонесуваат за високата стапка на предвремено породување.

Аншу Банерџи, директор на Институтот за здравјето на мајките при СЗО, наведе дека бебињата родени предвреме се особено подложни на здравствени компликации опасни по живот.

Истакнувајќи дека бројките за предвремено родените покажуваат дека постои потреба за итно вложување во постојните услуги за поддршка на предвремено родените бебиња и нивните семејства, Банерџи истакна дека постои потреба за фокусирање на пристапот до квалитетни здравствени услуги, особено пред и за време на бременоста.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.