Истражување покажува дека основците секојдневно минуваат часови на телефон

Учениците од основните училишта по неколку часа дневно поминуваат на мобилен телефон, покажува најновото истражување спроведено меѓу основци во Македонија. На анкетата, 36 проценти од 703 прашани четвртоодделенци и дури 63 проценти од 585 анкетирани осмоодделенци изјавиле дека секојдневно поминуваат неколку часа на телефон.

Истражување меѓу основци: Телефонот доминира во секојдневието
Истражувањето е спроведено од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на вкупен примерок од 1.288 ученици од четврто и осмо одделение. Податоците ги презентираше директорот на Институтот, проф. д-р Петар Атанасов, на форум посветен на вештачката интелигенција.

Според резултатите, 24 проценти од осмоодделенците изјавиле дека поминуваат речиси цел ден на мобилен телефон.

„Тоа значи дека тие, практично, живеат на мобилен телефон“, истакна Атанасов.

Драстичен пад на читањето книги кај учениците
На прашањето што најчесто прават во текот на денот, 43 проценти од четвртоодделенците и 62 проценти од осмоодделенците одговориле дека гледаат видеосодржини на телефон. Истовремено, само 31 процент од четвртоодделенците и алармантни 6 проценти од осмоодделенците изјавиле дека слободното време го поминуваат со читање книги.

„Овие податоци укажуваат дека децата од четврто до осмо одделение постепено престануваат да читаат книги“,предупреди Атанасов.

Форум за вештачка интелигенција и иднината на образованието
Податоците беа презентирани на форумот „Иднината на работата во ерата на вештачката интелигенција“, организиран од ИСППИ. Целта на форумот е отворање дебата за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на труд, образованието, јавните политики и идниот развој на работната сила.

Атанасов посочи дека ИСППИ се обидува да ги збогати студиските програми, особено на магистерските и докторските студии, за да одговорат на брзиот технолошки развој. „На технологијата ѝ е неопходна интердисциплинарност. Исправени сме пред нови, практично неограничени капацитети. Светот што го знаевме дефинитивно повеќе не е ист“, заклучи Атанасов.

Вештачката интелигенција не е концепт на иднината, туку реалност што веќе длабоко навлегува во сите сфери на општеството – од образованието и јавната администрација до бизнисот и индустријата.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски порача вештачката интелигенција да не се доживува ниту како закана, ниту како магично решение. „Таа треба да се гледа како алатка што бара знаење, вредности и визија. Вештачката интелигенција треба да му служи на човекот, а не човекот на технологијата“, нагласи Андоновски.

 

 

DW