Камилите се многу популарни животни во арапските земји, а поради високите температури често наоѓаат освежување во морето, пишува Анадолу.
Репортерот на Анадолу сними стадо камили што на големите горештини влегуваат во морето во градот Салалах во Оман за да се разладат.
Како што може да се види на снимките, камилите уживаат во „капењето“ во морската вода.
– Камилите како културно и историско богатство на Оман
Одгледувањето камили во Оман спаѓа меѓу професиите што во таа земја ја немаат изгубено својата историска и културолошка важност.
Камилите, кои се едни од најотпорните животински видови на пустинската клима, се користат за транспорт повеќе од 5.000 години, но и за туристички активности, а се консумираат и нивното месо и млеко.
Силниот и древен животински вид помага во егзистенцијата на луѓето што живеат во овој регион.
Сухејл Ахмед Саид Катан, одгледувач на камили во провинцијата Дофар, изјави дека камилите се богатство за народот на Оман.
„Камилите, кои ја носеа на грб целата земја пред процесот на урбана експанзија и модернизација, се културно наследство од дамнина“, рече Катан.
Нагласи дека одгледувањето камили е од витално значење за економијата, туризмот и културата на земјата.
Камилите се сметаат за културно наследство во Оман, во кој од 1989 година работи и владината Дирекција за одгледување и грижа за камилите.
Според податоците на Министерството за земјоделство и рибарство, моментно во Оман има 279.000 камили, од кои околу 9.000 камили учествуваат во традиционалните трки.
извор:Анадолу.
фото: Анадолу.