Во првите три недели од изборната кампања во Косово, четворицата кандидати за премиер: Албин Курти од владејачката партија Самоопределување, Бедри Хамза од Демократската партија на Косово, Лумир Абдиксику од Демократската лига на Косово и Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово ја фокусираа својата кампања исклучиво на внатрешните прашања со меѓусебно обвинување.
Редовните парламентарни избори во Косово ќе се одржат на 9 февруари.
Нормализирањето на односите со Србија, барањето меѓународна поддршка и сојузници, очигледно не се доволно популарни теми за привлекување гласачи, пишува косовскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Дијалогот, поточно нормализацијата на односите со Србија, е услов што меѓународната заедница му го постави на Косово за членство во Европската Унија и другите меѓународни организации како НАТО, Советот на Европа и други.
Кандидатите за премиер дебатираат за поскапување, просечна плата од 570 евра и невработеност поголема од десет проценти, давајќи ветувања насочени кон подобрување на животниот стандард, верувајќи дека на тој начин ќе влијаат на волјата на гласачите.
Дијалог со Србија – меч со две острици
Радио Слободна Европа испрати прашања до канцелариите на сите кандидати за премиер како ќе пристапат кон дијалогот со Србија доколку победат на изборите. Сепак, никаков одговор не доби од никого.
Партиите на четворицата кандидати ја водеа владата во различни периоди кога Косово потпишуваше или склучуваше договори со Србија, како дел од дијалогот за нормализација на односите.
slobodnaevropa.mk