Ковачевски по средбата со ВМРО ДПМНЕ: Ќе се разгледаат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски оцени дека таа поминала во добар дух, а барањата на ВМРО-ДПМНЕ не се отфрлени. Договорено е ВМРО-ДПМНЕ да ги достави до Владата своите контакти за набавка на поевтини енергенси, за што конкретно е задолжен министерот за економија Крешник Бектеши, кој потоа ќе ги исконтактира посочените субјекти за да се утврди дали нивните понуди ги задоволуваат потребните критериуми.

Премиерот Ковачевски по средбата изјави дека на средбата ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза. Информирале за производството на енергетските капацитетети, за обезбедувањето енергенси – јаглен и мазут.ж

-Разговаравме и за префрлање на основните и средните училишта на регулираниот пазар, како и за префрлувањето на здравствените установи за снабдување кај ЕСМ продажба. Беше реафирмирано барањето на опозицијата за вклучување на јавните комунални претпријатија на регулираниот пазар, кое ќе биде разгледано од Министерството за економија во соработка со ЗЕЛС, изјави Ковачевски.

Премиерот информира дека Владата денеска донела одлука со која ЕСМ е задолжено да врши јавна услуга регулирано производство на топлинска енергија во Скопје. Потпишан е договор меѓу ЕВН и Адора за закуп на топланите.

фото: Архива