Кои се ефектите од бојкотот на маркетите?

Повикот за бојкот ги испразни дел од маркетите, но и пазарите и продавниците низ Македонија. Револтот од енормното поскапување на храната, повеќето граѓани го изразија со тоа што од изутрината ги заобиколуваа маркетите, а дел го купуваа само она што им е неопходно. Најавите за бојкот попишманија и дел од пазарџиите, коишто не ја изложија робата на тезгите, поради став дека ќе нема кој да ја купи. Ефектите од бојкотот на маркетите ќе се знаат дури откако ќе се заклучат касите на крајот на денот. Управата за јавни приходи ги следи случувањата и прави анализи за тоа дали имало или не намалена потрошувачка и намалени профити кај трговците деновиве.

Во пресрет на најавите за бојкот, дел од маркетите најавија попусти на производите и поволности за потрошувачите. Тие маркетите во обид да го зачуваат кредибилитетот на пазарот, прстот го вперија кон добавувачите, коишто велат дека им наметнуваат повисоки цени на производите. Според нив, растот на малопродажните цени се должи на растот на набавните цени.

Апел до маркетите да ги почитуваат законите
Министерката за финансии, Гордана Димитреска Кочоска во изјава за новинарите апелираше до ланците на маркети да ги почитуваат законите, затоа што кога и да е инспекторите ќе излезат на терен и ќе ги утврдат злоупотребите, доколку ги има.

„Не треба да се злоупотребува моментот ако некоја надлежна институција не излегла во контрола во некој маркет. Ќе излезе во некој момент, ќе ги констатира состојбите и ќе следат драконски казни“, додава таа.

Министерката е децидна дека инфлацијата во државата повеќе е создадена внатре, отколку што е увезена. Затоа порача дека треба да се почитува Законот за нефер трговски пратики, којшто стапи на сила неодамна. „Ништо повеќе од тоа“, порача министерката.

Владата е одговорна да се грижи за граѓаните
Најавите за бојкот наидоа на поддршка во земјата и во регионот.Во неколку земји од опкружувањето, граѓаните в петок одлучија да ги заобиколат маркетите, кафулињата и рестораните поради високите цени. Иницијална каписла беше незадоволството во Хрватска каде бојкотот започна минатата недела. Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче кој е во посета на Загреб, вели дека Владата е одговорна да се грижи за граѓаните да не доживуваат вакви цени, поради тоа што таа е одговорна за формирањето на цените.

„Еве и тука, во Хрватска, има протест на граѓаните за високите цени на маркетите. Кај нас навистина загрижува ноншалантноста и незаинтересираноста на Владата да преземе некакви мерки. Дури со одреден цинизам би рекол, ги поддржуваат граѓаните да протестираат, а всушност протестот на граѓаните, освен за високите цени и кон маркетите, треба вистински да биде насочен кон Владата, поради тоа што таа е одговорна за формирањето на цените“, вели Филипче.

Но, од Коалицијата „Вреди“ сметаат дека претходната власт изминативе години ги толерирала трговците кои за дополнителна добивка преку нереално поскапување се збогатуваа на сметка на граѓаните. „Ова однесување мора да престане. И ако продолжи вака, имаме институционални механизми како што е Државниот пазарен инспекторат, кои се веќе на терен, ги контролираат цените на производите, а доколку дојде до неразумно енормно зголемување на цените и нарушување на пазарната логика, ќе искористиме сите механизми што ги имаме на сила и ќе донесеме одлуки и мерки за заштита на стандардот на граѓаните“, порача албанскиот коалиционен партнер во Владата.

 

DW