Кос: По уставните измени – забрзување на евроинтеграцијата

Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос очекува Северна Македонија да го промени Уставот. „Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно, и после тоа навистина да го забрзаме процесот“, порача Кос во изјава за медиумите по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија.

Како да се реши билатералниот проблем меѓу Скопје и Софија?

На прашањето дали потоа може да се дадaт гаранции дека нема да има други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање. Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, Кос рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.

„Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија“, порача Кос во изјава којашто ја пренесува известувач на МИА од Стразбур.

Проценувајќи дека проширувањето денес е поинакво отколку пред пет години, поради променета геополитичката ситуација, таа вели дека  постојат реални шанси во следните неколку години, неколку држави да дојдат до крај на процесот, за нивен влез во ЕУ. „Не знам кои се тие држави, но ќе бидат оние кои ќе ги исполнат сите услови“, вели Кос.

Промена на Уставот – но и гаранции

Новиот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, смета дека македонската Влада има подготвеност да оди напред во евроинтеграциите, ако за тоа има гаранции дека Бугарија нема да поставува нови барања и да го блокира натаму процесот.

„Треба да се обезбеди промена на Уставот, но и да се обезбеди дека  нема да има дополнителни барања, тоа треба да биде обврзувачко и чувството е такво во ЕУ. Владата тешко ќе може да им објасни на гласачите, ако нема гаранции. Треба да работиме на тоа да се обезбедат гаранции и дека нема да има нови барања“, вели австрискиот европратеник Вајц, кој доаѓа од редот на Зелените.

Тој се сомнева дека би можеле да поминат барањaтa на Владата за уставни измени со одложено дејство.

„Она што е легитимно е тоа што Владата бара јасност за барањата, но не верувам дека ќе помине барањето за уставни измени со одложено дејство“, вели Вајс.

 

 

 

 

DW