Партијата Самоопределување на премиерот Албин Курти победи на парламентарните избори во Косово. По пребројувањето на 99,4 проценти од гласовите, партијата, според официјалните податоци од вчеравечер (7.06), освои 43 проценти. Сепак, неизвесно е дали тоа значи и крај на политичка криза во земјата. Самоопределување и понатаму ќе зависи од коалициски партнери за да формира нова влада. Освен тоа, потребен е компромис со опозицијата за да се обезбеди двотретинско мнозинство неопходно за избор на нов претседател.
На второ место според освоените гласови на овие избори е Демократската партија на Косово со 21 процент, а на трето Демократската лига на Косово со 18 проценти. Излезноста, според изборната комисија, падна на речиси 37 проценти, во споредба со 45 проценти во декември.
Ова се трети парламентарни избори во земјата во рок од 18 месеци. На претходното гласање во декември, Самоопределување освои 51,1 процент од гласовите, а на изворите во февруари 2025 година – 42%. Во април парламентот беше распуштен, откако партиите не успеаја да се договорат за кандидат за претседател, функција која во Косово е претежно репрезентативна.
Косово речиси една година нема целосно функционална влада. ЕУ повеќепати ги повика политичарите во земјата да создадат стабилни институции. Со тоа треба да се спроведат реформите неопходни за ЕУ-членство. Постојаните предвремени избори ги одложија овие реформи, како и исплатата на средства од фондовите на ЕУ.
Во Косово право на глас имаат околу 2,1 милион луѓе. Тоа е повеќе од 1,6 милиони жители на земјата, што се должи на големата дијаспора. Таа претежно живее во Западна Европа и има тенденција да ја поддржува партијата на Курти, која води главно национално ориентирана и социјално насочена политика.
DW




