Коцевски по барањето за негово разрешување: „Секогаш сум работел согласно закон“

Откако Владата го задолжи Министерството за правда да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски тој регираше преку писмена изјава во која тврди дека секогаш работел согласно закон.

„Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски“, вели Коцевски кој смета дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации.

Во писмената изјава тој објаснува дека распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, бил со важност до 31.12.2024 година.

„Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година“, вели Коцевски.

Понатаму, тој објаснува дека распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Ова, според Коцевски, значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство.

 

 

slobodnaevropa.mk