Криза со гориво во Русија: Возачи чекаат со часови и денови

Возачите во Русија со часови, а во одделни региони и со денови чекаат на бензинските пумпи за да наполнат гориво. Во потрага по пумпи што сè уште работат, граѓаните минуваат низ цели градови, преспиваат во своите автомобили и чекаат да дојдат на ред. Неретко доаѓа и до конфликти меѓу луѓето што стојат во редиците.

Во последните месеци Украина ги интензивираше нападите со дронови врз руските нафтени рафинерии. На 6 јули, украинските сили ја нападнаа рафинеријата во Омск, оддалечена околу 2.500 километри од украинската граница. Со тоа Киев веќе ги погодил сите десет најголеми руски рафинерии – од Ленинградската област до Омск. Нападите дополнително ја продлабочуваат кризата со гориво што зафати голем број руски региони.

Русите се префрлаат на други превозни средства
Жителите на бројни руски области се жалат на затворени бензински пумпи и километарски колони пред ретките објекти што сè уште имаат гориво.

Една жителка на Геленџик изјави дека веќе три дена безуспешно се обидува да наполни бензин. На бензинската пумпа пристигнала во пет часот наутро и преноќила во автомобилот, но ниту тогаш не успеала да купи гориво.

„Тоа е буквално борба за опстанок“, вели таа.

Според неа, проблемот не е само недостигот од гориво, туку и препродавачите кои купуваат поголеми количини и потоа ги продаваат по значително повисоки цени.

Најтешка е ситуацијата во Чита, во регионот Забајкалје, покажуваат снимки објавени на социјалните мрежи. Таму возачите чекаат во редици и до 36 часа. На некои за време на чекањето им снемува гориво, па се принудени да ги туркаат своите автомобили. Корисници на интернет тврдат дека поединци продаваат места во редиците за дури 35.000 рубљи, односно околу 400 евра.

Поради недостигот од гориво, многу Руси ги менуваат секојдневните навики. Дел од нив се здружуваат заедно да одат во набавка или да ги превезуваат децата до училиште, додека други се префрлаат на јавен превоз.

Една жителка на Иркутск вели дека, по неколкуте неуспешни обиди да наточи гориво, почнала да користи автобуси и такси-превоз. Но, ниту такси-секторот не е поштеден од кризата. Според весникот „Комерсант“, таксистите работат поретко и сè почесто одбиваат подолги релации, што веќе довело до пораст на цените на превозот.

Во руралните средини, сè повеќе луѓе купуваат коњи наместо автомобили. Телеграм-каналот „Маш“, повикувајќи се на одгледувачи, наведува дека побарувачката за коњи во последните недели повеќекратно се зголемила. Тие се користат за шумски работи, косење сено и земјоделски активности.

Значително е зголемена и продажбата на велосипеди. Компанијата CDEK.Shopping соопшти дека во јуни продажбата на велосипеди била за 131 процент повисока во споредба со мај, додека прометот пораснал за 263 проценти. Велосипедите сè почесто се гледаат како практична алтернатива на автомобилите.

 

 

 

DW