Лавров: Изјавите на западните држави покажуваат дека не сакаат да го решат судирот во Украина

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека изјавите на западните држави покажуваат дека тие не сакаат да го решат судирот во Украина, јавува Анадолу.

Министерот Лавров престојува во посета на Анкара, каде денеска се сретна со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

„Западот јасно ги крши резолуциите на Обединетите нации. Западот, исто така, има неконструктивна агенда“, рече Лавров на прес-конференцијата.

Истакна дека Западот не крие дека Кина е следната цел по Русија, како и секоја земја што ќе се осмели да дејствува самостојно.

Тој се осврна и на договорот за жито што беше постигнат со посредство на Анкара.

„Доколку биде потребно, Русија ќе работи на извоз на жито преку Туркије и Катар, надвор од Црноморскиот договор“, рече Лавров.

Во јуни минатата година, Туркије, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.

Благодарение на турските напори, договорот за жито е продолжен за уште 120 дена во ноември минатата година и уште за 60 дена во март годинава.

Лавров ја коментираше и изградбата на нуклеарната централа „Аккују“ во Туркије.

„Изградбата на нуклеарната централа Аккују ќе ја зајакне енергетската безбедност на Туркије“, изјави шефот на руската дипломатија.

Туркије и Русија соработуваат на проектот за изградба на нуклеарната централа „Аккују“.

„Аккују“, која се гради во јужната турска област Мерсин, ќе биде првата нуклеарна централа во земјата.

Првиот реактор треба да биде оперативен во 2023 година, а целата постројка треба да биде во функција до 2025 година. Проектот започна со меѓувладин договор од 2010 година меѓу Туркије и Русија.

Централата, за која се очекува да има инсталирана моќност од 4.800 мегавати и четири реактори, треба да започне со производство на електрична енергија кон крајот на оваа година.

Извор: Анадолу.

фото: Анадолу.