Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска остро реагираше дека е следен – не само тој, туку и неговите деца. Според него, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, незаконски објавила видео-снимка на која се гледаат неговите малолетни деца, што го оценува како „директна злоупотреба“.
Трендафилов бара одземање на имунитет и истрага
Трендафилов побара МВР да утврди кој ја снимал видеоснимката и да ѝ биде одземен пратеничкиот имунитет на Стојаноска, со цел да преземе правни мерки и раководството на ВМРО-ДПМНЕ да ја разреши од функциите.
Видеото е објавено за време на блокадата на Собранието, организирана од ССМ како дел од протестите за покачување на минималната плата. На видеото, чиј линк го сподели Стојаноска, се гледа како Трендафилов и неговите две деца влегуваат во возило.
„Не го слушајте што зборува, туку гледајте го како се однесува…Трендафилов, службеното возило на ССМ и приватните обврски“, напиша таа на социјалните мрежи.
Трендафилов возврати дека може да биде сниман, но дека е „апсолутно недозволиво“ да се снимаат и злоупотребуваат малолетни деца за политички цели.
Повик до институциите – МВР, Обвинителство и меѓународната заедница
На прес-конференција во ССМ, Трендафилов тврдеше дека снимките направени во близина на училиште каде учат неговите деца, претставуваат кривично дело и доказ дека службите го следат.
Тој упати јавна критика кон пратеници, членови на власта и институциите, обвинувајќи ги дека вршат притисок врз него поради синдикалната борба за повисоки работнички плати.
Трендафилов ги повика МВР и Обвинителството да преземат итни чекори, оценувајќи го објавувањето на снимката како „злоупотреба на деца“. Тој најави дека за случајот ќе бидат известени и меѓународни институции.
DW




