Лиценците во градинките нема да бидат двојазични

Парламентарното мнозинство на 31. седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата, кој повторно се најде пред пратениците. Пред крајот на минатата година претседателката Гордана Сиљановска Давкова му стави вето, односно, не го потпиша указот за прогласување на законот, затоа што има недоследности со Уставот.

Законските измени се однесуваа на тестирањето и лиценците за негуватели во градинките, а со кои беше предвидено да се двојазични. Сиљановска Давкова сметаше дека ова е неуставно, по што владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди направија измени со кои документите ќе бидат на македонски јазик, а по барање и на друг јазик на кандидатот.

Измените денеска беа изгласани со 65 гласа „за“, а „против“ гласаа 17 пратеници. Законот го доби и потребното Бадентерово мнозинство, односно за измените „за“ гласаа 12 пратеници од немнозинските заедници, а 6 беа „против“.

За овој закон беа поднесени вкупно 6 амандмани, од кои 4 од СДСМ и од Левица, кои беа отфрлени, а двата поднесени од коалициските партнери од власта ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, поминаа.

 

 

 

skopjeinfo.mk